Нинџа од денеска на прв слободен викенд

by fokus

Осудениот за крвавиот упад во Собрание, Александар Василевски Нинџа од денеска па се до недела до 16 часот ќе биде на слобода, односно ќе користи слободен викенд надвор од затворот во Шутка.

Информацијата за Фокус ја потврди директорот на истражниот затвор во Шутка, Филип Андов кој вели дека како и сите други затвореници и Нинџа има право на слободен викенд откако ќе одлежи одреден период од казната.

Директорот на Управата за извршување на санкции, Марјан Спасовски пак за Телма изјави дека како и останатите затвореници така и Василевски може да добие викенд на слобода после одлежана една третина од казната, а тој според управата веќе одлежал 3 години и 8 месеци од 7 годишната затворска казна.

Нинџа првично беше осуден на осум години затворска казна, иако за делото за кое се товареше беше минималната предвидена затворска казна е десет години. Апелација потоа му ја намали казната на седум години и фактички тој има одлежано половина од казната, а законски може да биде пуштен на слободен викенд по одлежување на на една третина од казната. Според нашите информации Нинџа се наоѓа во полуотвореното одделение во Шутка каде беше префрлен од штипскиот затвор поради безбедносни причини.

Тој беше клучен сведок во судењето за упадот на 27 април во Собрание, а опозицијата обвинуваше дека целото обвинение се темели на неговиот исказ.

Поврзани новости