Заменик-министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, денеска презентираше документи од кој, како што рече тој, се гледа дека Илија Србиновски, поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен Раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Битола, скандалозно ја злоупотребува државната функција.
-Семејството Србиновски буквално го има „освоено“ министерството. Таткото Илија заедно со синот и снаата се вработени во оваа институција, а сопругата Слободанка, која е сопственик на фирмата ИЗ „ДЕСИЛ“ добива 45 хектари државна земјоделска земја под концесија. Случајот на Илија Србиновски е класичен пример на злоупотреба на државните институции во партиски цели пред избори, рече Николовски.
Тој додаде дека овие функционери не се гонеле кога прекршуваат закони, не сносат последици за судир на интереси, ниту кривично одговараат за сторените дела.
-Затоа сме овде, ја оправдуваме нашата основна цел со влегувањето во институциите на државата, да бидеме контроли и да спречиме натамошна злоупотреба на државните функции во партиски цели. Вистината мора да излезе на виделина, а сите што го прекршиле законот, да одговараат, рече заменик-министерот Николовски.