Николовски појаснува како земјоделците ќе искористат 250 милиони евра преку ИПАРД

by fokus

Дури 250 милиони евра ќе бидат ставени на располагање преку ИПАРД 3 програмата во наредните пет години, за модернизација на македонското земјоделство.

Што значат овие инвестиции за нашето земјоделие, и како ќе ги искористат земјоделците овие средства преку ИПАРД, за  „Фокус“ појаснува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Според него, интересот на земјоделците е огромен, што значи модернизирање на производство, како и зголемување на приносите и квалитетот.

-Нашата лидерска позиција за ИПАРД програмата ја потврдивме со тоа што сме првата земја од регионот, која успешно на први септември 2023 година, ја стартуваше примената на новата ИПАРД 3 програма. Со новата ИПАРД 3 програма имаме и зголемен буџет. Европската комисија за 62% ја зголеми поддршката, како награда за нашата држава во успешната примена на ИПАРД програмата. Мерка 1 и 7 беа распишани на 1 септември 2023 година, додека мерка 3 од ИПАРД 3 програмата ќе биде распишана во текот на месец април 2024 година. Со новата ИПАРД 3 програма предвидуваме и авансна исплата на 50% од поддршката веднаш по потпишувањето на договорот, што е една новост која уште повеќе помага на заинтересираните апликанти во реалзиација насвојата идеја. Младите земјоделци пак што аплицираат во ИПАРД добиваат и поголем процент на кофинасирање од државата при реализација на проектот-вели министерот.

Појаснува на што конкретно се однесува мерка 1, и додава дека максимална финансиска поддршка за еден корисник за еден проект изнесува 750.000 евра.

-Во мерка 1 инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства поддршката се однесува на растителното производство житните, индустриски и фуражни култури, градинарски култури, повеќегодишни култури, лозарство. Потоа кај сточарското производство говедарството, свињарството, овчарството, козарството и живинарство.
Други сектори опфатени со мерка 1 се производството на риба, преработката и маркетинг на сопственото земјоделско производство и Инвестиции во обновливи извори на енергија за сопствени потреби, односно инвестиции во поставување на био гас и био гориво, соларна, ветерна и гео-термална енергија. Минималната вредност на прифатлива по инвестиција кај мерката 1 изнесува 20.000 евра.

Максималната финансиска поддршка на еден корисник за еден проект изнесува 750.000 евра.
Финансиската поддршка – кофинансирање кај оваа мерка е 60% од вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата-вели Николовски.

За мерка 3 пак, максимална финансиска поддршка е 1,5 милиони евра, а корисници биле правни лица, задруги и здружени првани лица.

– Мерка 3 Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски производи се однесува на млеко и млечни производи, месо и производи од месо ( вклучувајќи јајца и живина), овошје и зеленчук (вклучувајќи компири и мешункасти култури), житарки, мелнички производи и скроб, растителни и животински масти и масла, шира, вино, риба и рибни производи, сточна храна и друго.

За мерка 3 минимална вредност на прифатлив инвестиција е 50.000 евра а максимална финансиска поддршка е 1.5 милиони евра, а корисници се правни лица, задруги и здружени правни лица.

Кај мерката 7 диверзификација на фармите и развој на бизниси како корисници се јавуваат физички лица, правни лица, задруги и здружени правни лица за колективни инвестиции.

Како приоритетни сектори кај мерката 7 се јавуваат алтернативно земјоделско производство, преработка на алтернативни земјоделски производи, производство на прехранбени производи и пијалоци, производство на не-прехранбени производи, поддршка на занаетчиски активности, поддршка на услуги за рурално население, поддршка на услуги во земјоделство и поддршка на рурален туризам. Минимална вредност на прифатливи трошоци на предложен проект изнесуваат од 10.000 евра – истакна министерот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости