Николовски: Нема што да криеме за увозот на мазутот!

by Fokus

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски денеска на прес-конференција соопшти дека сите наоди утрово се доставени до Основното јавно обвинителство за понатамошно процесуирање и утврдување на евентуална кривична одговорност.

– Сето ова покажува дека веднаш по излегувањето на сторијата на ИРЛ, на мој предлог, со Министерство за економија ги задолживме надлежните институции за итни, вонредни и длабински контроли на целиот процес од увоз или производство до продажба на мазут и нафтени деривати. Институциите под ингеренции на Владата, веднаш постапија согласно законите и нивните надлежности и изрекоа соодветни казнени мерки, рече Николовски.

Тој нагласи дека заштитата на граѓаните е врвен приоритет на Владата и додаде дека нема да прават никакви отстапки на тоа поле.

– Би сакал да нагласам дека согласно владините задолженија при вонредните инспекциски надзори, се опфатија и сите останати фирми увозници, а надзорите се вршеа во сите фази, од увоз до складирање и користење на нафтените деривати. Притоа кај дел од нив беа констатирани неправилности во делот на законската обврска за чување залихи и правилно водење на сметководствената евиденција, нагласи Николовски.

Поврзани новости