Доколку граѓаните и Собранието не го прифатат овој договор за името со Грција, идна влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го препреговара договорот и убеден сум дека ќе постигнеме подобар, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
-Јас сум апсолутно убеден дека може да се постигне подобар договор од овој со Грција. Сметам дека можеме да седнеме и да го препреговараме договорот, затоа што сметам дека е и во интерес на Грција да се реши ова прашање и не можам да се согласам дека Грците немаат никаков интерес да се реши ова прашање и можеме да постигнеме апсолутно подобар договор, договор кој нема да значи промена на Уставот на Република Македонија – вели Николовски.
Препреговарање според него значи дека доколку референдумот не успее и ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, би заземала подобри преговарачки позиции.
-Тоа значи дека една идна влада на ВМРО-ДПМНЕ би се спремила многу подобро, би ангажирала многу повеќе експерти околу себе и доколку сега не помине оваа промена на Уставот, затоа што ако помине граѓаните треба да се свесни дека работата е завршена, но доколку овој договор не е прифатен од граѓаните и од Парламентот, ние сме подготвени со оваа или со некоја друга грчка влада да преговараме и сум убеден дека ќе постигнеме подобар договор – посочува тој.
Николовски порачува дека референдумското прашање мора да биде јасно и едноставно, односно граѓаните да одговорат дали се за или против договор кој ќе предизвика промена на уставното име.