Не молеа за Законот за финансирање партии зашто се наоѓале во финансиска криза, велат извори од СДСМ

by fokus

Најблиските соработници на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ во четвртокот вечерта биле на телефонска линија и ги координирале пораките меѓу нивните шефови, пишува „Независен весник“. Заев му порачал на Мицкоски дека доволно попуштил во претходниот дел од преговорите и оти сега веќе нема каде да се оди.

„Премиерот попушти и за изборот на Државната изборна комисија, за влада според пржинскиот модел, како и за Законот за финансирање партии, за кој нè молеа да го изгласаме затоа што се наоѓале во незавидна финансиска ситуација. Од Мицкоски се бараше само едно: да излезе јавно и на своите симпатизери и поддржувачи да им каже да излезат на референдумот и да гласаат, макар и против договорот со Грција. Тој не го направи тоа, сакајќи да го протне амнестирањето на своите претходници. Сега се откажа од тоа, но уценува со формулација на прашањето. Јасно му порачавме: ако опозицијата активно се вклучи, тогаш може да се направи единствено отстапка околу тоа дали резултатот ќе биде обврзувачки или консултативен, но прашањето на референдумот ќе биде тоа што го најавивме претходно: ‘Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција’. Причината е многу јасна: не може договорот за името да се исклучи од ЕУ и НАТО, затоа што договорот е направен за да се влезе во ЕУ и во НАТО. Едната работа не може без другата“, велат владини функционери за „Независен весник“.

Инаку референдумот за договорот со Грција околу името ќе биде распишан в понеделник. На истата седница треба да биде определена и содржината на прашањето.

Поврзани новости