Директорот на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, со седиште во Битола, надвор од законот дал писмени инструкции до советниците да одат на терен и да почнат да прибираат податоци од земјоделците за целокупната нивна имотна состојба, и тоа почнувајки од лични контакти, телефонски броеви, што работат, што произведуваат и какви им се плановите, обвини дополнителниот заменик-министер за земјоделство Љупчо Николовски.
– По налог на директорот, советниците ги прибираат и сите податоци за земјоделските производители, поврзани со апликации за земјоделски субвенции и други програми на владата како и за земјоделска земја под закуп, по што овие податоци потоа се злоупотребуваат за најдиректни закани и уцени до земјоделците – рече Николовски.