Љупчо Николовски, член на Извршен одбор на СДСМ обвини дека власта не само што делела и исплаќала субвенции на сомнителен начин, туку и огромни суми пари преку програмата за рурален развој на сомнителен начин завршувале кај фирми и лица за чистење канали.
– Скандалозно е што парите за наводно исчистени канали ги добивале лица или фирми, само врз осова на барање и документација, без притоа овластени контролори на Платежната агенција да ја проверат на терен фактичката состојба и да направат и достават Записник. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој била должна согласно закон пред да исплати пари, да ја утврди состојбата на терен. Ревизорот јасно констатира дека не се вршеле контроли и пред одобрување на барањата што е нова можност за злоупотреби – едно да е наведено во барањето, друга да е ситуацијата на терен – истакна Николовски.
Тој потсети дека како дополнителен заменик министер за земјоделство обелодени афера дека близу половина милион евра токму за чистење на канали за одводнување и наводнување во 2014 година завршиле во фирма на коалицискиот партнер на Никола Груевски и медиумски послушник – Љубисав Иванов Ѕинго, чиј син е газда на телевизија Сител.