Николовски добил воспитна, сестринските партии се разочарани од ВМРО-ДПМНЕ и прашуваат која алтернатива може да ја понуди

by fokus

Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој бил претставник на партијата на конференцијата за Западен Балкан на која присуствуваа десничарските партии од Европа, сестрнски на Европската народна партија, бил искаран поради неконструктивната позиција на ВМРО-ДПМНЕ која одбива да го прифати Договорот со Грција. Како што вели европратеникот од Бугарија, Андреј Ковачев, во интервју за 1ТВ на Николовски му биле пренесени пораки дека сестринските партии се разочарани од однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и барале партијата да каже која е алтернативата што може да ја понуди.

-Јасно кажавме дека не го разбираме и не го поддржуваме тоа што го прави ВМРО ДПМНЕ во Македонија и на тој начин ја блокира иднината на РМ кон интеграција во ЕУ. Не можеме да го разбереме тој план Б или алтернативата дека можат да направат друг договор со Грција. Ние и мнозинството во ЕПП сметаме дека тоа е нереално и не може да доведе до ништо добро за иднината на Македонија. Разочарани сме од таквото однесување на опозициската партија. Тоа го кажа нашиот претседател Жозеф Дол во неговото обраќање пред неколку дена и тоа беше потврдено на средбата во ЕП во говорите на Алојз Петерле, Едвард Кукан, во мојата изјава и на многу други колеги. Парадокаслно е тоа што имаше претставници од нашата сестринска партија Нова Демократија од Грција, кои сметаат дека Ципрас му дал се на Заев, а нашата друга сестринска партија ВМРО-ДПМНЕ во Македонија смета дека Заев му дал се на Ципрас. Тоа е парадокасална ситуација и покажува дека постигнатиот компромис е најдобриот што може да се постигне – вели Ковачев во интервјуот за 1ТВ.

Како што вели Ковачев, Николовски во својот говор се осврнал на ставот на партијата дека Договорот со Грција не е добар.

-И негово право е да го каже тоа, но одговорниот политичар треба да каже која е алтернативата. Не можеме да разбереме кога велат дека можат да постигнат подобар договор со Грција, во која ќе нема ерга омнес услов, јасно е дека последните 30 години покажаа дека тоа не е можно. Ако се прави таков експеримент, тоа ќе биде на сметка на неколку генерации во наредните 20-30 години. Никој од нас не смета дека е можно да има друго решение, кое од друга страна ќе ја блокира Македонија и за тоа некој треба да сноси соодветна политичка одговорност. За ова претставникот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека таков е ставот на мнозинството од граѓаните на Македонија во врска со Договорот, но таквиот став беше мотивиран, провоциран од долги години инсистирање на една интерпретација на историјата која не одговара на вистината. Меѓу другото, ист, ако не и поголем проблем има и со интерпретација на историјата во однос на средновековието и 19 и 20 век во врска со Бугарија. Тука имаме суштински проблеми – додава европратеникот.

Според него храброста на Ципрас и Заев е во тоа што направија отстапки. Тоа, категоричен е Ковачев, е нешто што треба да биде поддржано.

-Ние не разбираме дали има план Б. Дали има некаква тајна алтернатива на ВМРО-ДПМНЕ што никој не ја знае и којашто ќе ја извлече Македонија од ситуацијата во која што ќе се најде. Затоа ЕПП е разочарана од нејзината сестринска партија, од нејзиното однесување и посакуваме конструктивност заради индината на Македонија и на целиот регион – порачува тој.

 

Поврзани новости