Потретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во „Само Интервју“ на Канал 5 рече дека опозициската партија работи на план кој, како што појасни, ќе значи излез од ситуацијата и пат до избори кои нема да го загрозат здравјето на граѓаните. Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага за избори во оној момент кога ќе бидат сигурни дека ниту еден човек кој ќе гласа нема да заболи од коронавирусот.
-Работиме во моментов на планот, да беше готов би ви го презентирал, но во текот на викендот очекувам да е готов. Она што е можам да го кажам е дека тоа е план кој што ќе води до избори и ќе води до заштита на здравјето на граѓаните, затоа што ние не смееме да се доведеме во ситуација да луѓе заболуваат од коронавирус, или не дај Боже ги губат своите животи за да во Македонија се случат избори – рече Николоски.
Тој додаде дека претстојните избори се голем влог за министерот за здравство Венко Филипче, кој, според него, ќе одговора за криминал доколку загуби СДСМ. Николоски посочи дека СДСМ не го кандидираше Филипче за пратеник и носител на листа во петтата изборна едница како резултат на бројните афери кои се отворија за него пред изборите.
-Јас не познавам многу луѓе во Македонија кои што имаат имот од 15 илјади метри квадратни на најатрактивна локација во Скопје. Ова ние јавно го објавивме и имаме документи за ова. Нема многу такви луѓе кои што имаат толку имот. Поентата ми е дека овие избори се влог за Венко Филипче дали ќе одговора потоа или не. Затоа што доколку победи ВМРО-ДПМНЕ верувајте дека ќе понесе одговорност за криминалните дејствија во министерството за здравство, а тие се бројни – порача Николоски.
Во однос на денешните снимки меѓу партискиот лидер Христијан Мицкоски и осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милески – Кичеец, Николоски рече дека тие не содржат ништо инкриминирачко, туку, според него, станува збор за обичен разговор.
-Јас веќе бев на судење со еден криминалец, Вице Заев, сега сум на суд со уште еден криминалец, Зоран Заев, така да ако треба ќе одам на судење и со трет (Зоран Милески), поради нарушување на честа и угледот. Ми ласка што најкримогените луѓе во државата сакаат со мене да се видат на суд – рече Николоски.