Николоски: Кампањата на Пендаровски е финансирана од крадени пари

by Фокус

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска од митингот во Демир Капија се осврна на претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, за кој рече дека на ниеден начин не може да биде амнестиран за состојбите во Македонија и големиот криминал на СДСМ и ДУИ.

-Стево Пендаровски е тој што ги злоупотребува институциите кои што се под него за нелегално да го следат ВМРО-ДПМНЕ, за да прават спинови и монтажи на ВМРО-ДПМНЕ. И најбитното, кампањата на Стево Пендаровски е финансирана од крадени пари и тој многу добро тоа го знае и за тоа ќе одговара, најпрво со вашиот глас, а после тоа и со работата на институциите – рече Николоски.

Пред присутните, тој истакна дека реалноста денес во Македонија е тажна и дека ја знаат сите и ја чувствуваат во сите населени места во општина Демир Капија, нивите остануваат празни, земјата се пусти, куќите се затворени, а луѓето си одат.

-Повеќе луѓе можете да видите од Демир Капија во Швајцарија, во Австрија, во Германија, отколку тука. Тоа е тажната реалност после седум години владеење на СДСМ и на ДУИ, неколкумина се екстремно богати, а народот е осиромашен. Неколкумина не одговараат за ништо, а народот си оди, неколкумина ја кројат судбината на Македонија и ја обезличуваат, а народот е безнадежен. И затоа мораме да ставиме крај на оваа работа – рече Николоски.

Поврзани новости