Николоски: ЕК го потврди високото ниво на криминал и корупција, затоа Македонија не почнува преговори со ЕУ

by Fokus

Според власта Македонија е единствена држава во светот каде опозицијата е виновна за лошото работење на власта. Но, извештаите на Европската комисија за секоја држава која е кандидат за членство во ЕУ се однесуваат на работата на власта на сите сегменти на власта всушност таков е и овој извештај, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во гостување во вестите на Канал 5 Телевизија.

„Овој извештај го констатира тоа што ние го знаеме, ја констатира реалноста, а тоа е дека во Македонија економијата тоне а корупцијата цвета, практично нема сектор во кој не се назадува, особено во делот на борба со организираниот криминал и корупција, судските реформи, функционирањето на судството и обвинителството, нешто што го гледаат граѓаните секојдневно и што е основна причина да ја напуштат државата и да има едно вака масовно иселување. Ако во минатото иселувањето беше првенствено од економски причини, сега е затоа што нема ред во државата. Така што тоа е тоа што го констатира извештајот, а во однос на политичката поларизација, да, ние правиме политичка поларизација со овие лоши и коруптивни практики на власта и секако дека не можеме да поддржиме коруптивни практики на власта“, рече Николоски.

Потпретседателот продолжи и додаде дека точно е тоа дека се судриле со власта за кривичниот законик каде јасно тоа го констатира Европската комисија дека истиот е донесен нетранспарентно со злоупотреба на европското знаменце.

„Точно е дека се судривме за изградбата на коридорите 8 и 10 од кои абер нема како што гледате за кои исто така Европската комисија констатира дека се донесени во несоодветна постапка и со злоупотреба на европското знаменце и дека сите овие практики кои ги прави власта ја зголемуваат недовербата на граѓаните и ги зголемуваат сомнежите за корупција“, кажа Николоски.

Потпретседателот додаде дека извештајот е најдобра потврда на она што тој лично и партијата со години го зборуваат, а тоа е дека основната причина зошто Македонија не почнува преговори за членство со Европската Унија не е Бугарија туку е високото ниво на криминал и корупција.

„Неколку големи земји членки на Европската Унија сметаат дека државата не е спремна за почеток на преговори пред се заради големото ниво на криминал и корупција. Затоа што да беше обратно ќе извршеа притисок врз Бугарија и проблемот со Бугарија ќе се решеше за едно претпладне или попладне, но самото тоа што не вршат притисок врз Бугарија покажува дека тие го делат мислењето дека Македонија не заслужува почеток на преговори. Да го реши Македонија проблемот со криминалот и корупцијата кои пред се внатрешно нас ни е потребен, верувајте проблемот со Бугарија ќе биде решен многу едноставно со еден дипломатски притисок од страна на главните градови на најголемите земји членки на ЕУ“, заклучи Николоски.

Поврзани новости