Град Скопје одлучи да ги врати имињата на голем број улици во Скопје кои беа променети за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а истовремено некои улици ќе добијат нови имиња.
На листата со 571 имиња, според кои во иднина би се именувале улици, но и плоштади, паркови, мостови, се наоѓа и името на новинарот и основач на неделникот Фокус, покојниот Никола Младенов.
Воедно, на листата се наоѓаат и пејачката Вања Лазарева, архитектот Живко Поповски, спортистите Благоја Георгиевски – Буштур и Атина Бојаџи, писателите Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Владо Малески, бизнисменот Енвер Малиќи.
Исто така, улици ќе бидат именувани по Есма Реџепова и „Медена Земја“, а на листата се наоѓаат „Леб и сол“, „Лева патика“, „Мизар“…
Притоа, се предлага еден плоштад да се вика „Вера, надеж и љубов“, а улица да биде именувана и според местото Нивици каде беше потпишан Договорот од Преспа.
Покрај тоа, се предвидува да се вратат и старите имиња на дел од улиците, па така Аминта Трети пак ќе биде Ленинова, Јордан Мијалков ќе биде Железничка, Филип Втори ќе биде Стив Наумов, Петре Пирузе ќе биде Мексичка итн.