Од Основното јавно обвинителство не можат да го декодираат мобилниот телефон на Коста Крпач.
Тие денеска не успеале да испитаат со кој разговарал Крпач во последните саатници од животот, бидејќи како што рекоа неговиот телефон „сони“ имал лозинка што ниту стручните лица не можеле да ја пробијат.
Од Специјалното јавно обвинителство пак, тврдат дека Крпач трпел уцени и закани, но обвинителството не нашло докази за тоа.
– СЈО самото извести дека Коста Крпач трпел закани. Ако сето тоа е вистина, тоа обвинителство морало да направи записник. Сè што бараме е тој записник да ни го достават за да можеме да го склопиме мозаикот – велат од Обвинителството.
Од ОЈО се децидни дека Крпач сам си го одзел животот, а во моментот велат дека ги истражуваат причините за тоа.
Досегашната истрага покажала дека Крпач пукал со сопствен револвер и за тоа поседувал дозвола. Нејасно е зошто прво пукал надвор од станот, а потоа си го одзел животот.
Инаку, на последната прес-конференција од СЈО информираа дека освен за последниот случај „Трезор”, Крпач бил сведок и за други предмети.