Веќе една недела нема ни трага, ни глас од специјалецот Игор Спасов, кој во петокот требало да се врати во затворот „Идризово“, откако му завршил условниот прекинот на казната. Директорот на затворот Боби Мојсовски уште во понеделник го известил судот во Штип дека осуденикот не се вратил, но оттаму сѐ уште нема добиено повратен одговор.
-Спасов требаше да се врати во петок, до полноќ, но бидејќи не се појави уште во понеделникот го известивме судот во Штип и Управата за извршување на санкции. Сѐ уште немаме добиено повратен одговор, ни изјави директорот Мојсовски.
„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со судот во Штип, но никој не одговараше на нашите телефонски повици. Од МВР истакнуваат дека не добиле известување за да трагаат по Спасов.
Каде е поранешниот специјалец не знае ниту неговиот адвокат Ване Андреев, кој на прашањето на „Фокус“, дали можеби Спасов добил нов прекин на казната, одговори дека не знае, не е во тек.
Спасовски беше осуден на правосилна казна од 14 години затвор за убиството на Мартин Нешкоски, што се случи на прославата на ВМРО-ДПМНЕ за победата на парламентарните избори. Тој зад решетки беше ставен во јуни 2011 година.
„Фокус“ веќе пишуваше и детали од предистражната постапка која ја отвори СЈО за случајот Нешкоски, бидејќи постоеја сериозни сомнежи дека не била откриена целосната вистина. Поради недостаток од официјални податоци, шпекулациите одеа дури до таму дека се трага по друг убиец на Нешкоски, односно наводно има индиции дека друг му го задал смртоносниот удар на Мартин. Ова го тврдеше и осудениот „тигар“. На едно од судските рочишта, на еден метри одалеченост од мајката на Мартин, стана, ја погледна во очи, и сосема смирено рече:
–Со чисто срце ќе ве погледнам. Јас не го убив Мартин. Да знаев како му е на раце ќе го однесев во болница. Ако барате обвинет, тука сум, но ако ја сакате вистината не гледајте во мене, изјави Спасов.
Тој во својот завршен збор рече дека судењето било коректно, но истакна дека му замерува на Јавното обвинителство што не го доистражило случајот до крај.
–Долго време рамислував дали да дадам завршен збор и конечно решив дека тоа треба да го сторам од една-единствена причина: тоа им го должам на моето и на семејството на сега починатиот Мартин, бидејќи сите тие треба да ја знаат вистината. Јас не го убив Мартин, ниту, пак имав некој посебен мотив да го сторам тоа. Дали некој друг, пред настанот, со глава, го удрил Мартин по носот поради што дошло до забрзано работење на срцето, јас не можам да кажам, но знам дека јас го немам удрено по глава, рече тогаш обвинетиот Спасов.
Валентина Вурмо