Не само што Коце Трајановски крие колку чинат новите споменици, туку кријат и надлежните институции. Добивме дописи од Управата за јавни приходи и од Управата за финансиско разузнавање и двете институции се прогласуваат ненадлежни за случајот, изјави денеска потпретседателот на СДСМ и член на Советот на Град Скопје, Дамјан Манчевски.
– Тогаш кој е надлежен? Кој е надлежен во оваа држава да го утврди потеклото на парите на донатор кој се крие од јавноста, кој има приходи од вкупно 45.000 евра за 3 години и кој донира на градот Скопје споменици кои вредат минимум неколку стотици илјади евра? Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ можат да се кријат, можат да ја префрлаат одговорноста, да лажат, но граѓаните не можат да ги измамат. Граѓаните знаат дека ова е непотребен раскош и луксуз. Знаат дека зад овој скандал се кријат трансакции на пари без соодветно покритие.
Седумте нови спомениците ги донираше Здружение за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради и монументите беа поставени пред речиси еден месец на повеќе локации во главниот град.