Душко Млекарот: Зарем мојата душа помалку вреди од премиерската?

by fokus 14:16
14:16

Во Основниот суд во Битола денеска се одржа ново рочиште од судскиот процес во кој Душко Илиевски- Млекарот, заедно со својот брат Цане и таткото Томе ја тужат државата, за времето кое по грешка го поминаа во притвор. Тие беа обвинети за нелегално одгледување на марихуана, но на крајот успеаjа да добијат ослободителна пресуда, бидејќи беше утврдено дека во нивната нива расте див коноп. Тие сега ја тужат државата и бараат вкупно обештетување од 80.000 евра.

На денешното рочиште, како што за „Фокус“ раскажува Илиевски, судијката ги одбила сите докази кои ги доставил до судот.

- Advertisements -

-Судијката како доказ не сакаше да ги прифати снимките на кои се гледа како премиерот Никола Груевски ме обвинува дека сум садел марихуана, а ја одбија и снимката на која се гледа дека и портпаролот на МВР го говори истото. Судијката рече дека овие докази не биле потребни, вели Илиевски.

Тој додава дека без овие докази му е оневозможено да докаже дека пред целата македонска јавност од премиерот и МВР бил прогласен за криминалец.
-ја прашав судијката сега како, без овие докази, да докажам дека бев јавно линчуван и дека сум политички затвореник, вели Илиевски.

На денешното рочиште сведочел и невропсихијатарот кој потврдиле дека Илиевски доживеал душевна болка.

-Како можеше судот на премиерот Груевски да му досуди 50.000 евра оштета, без невропсихијатриско вештачење, а мене и со ваков доказ ми велат дека сум барал многу пари. Па зарем мојата душа помалку боли од премиерската. Зарем не гледаат дека со незаконскиот притвор и лажното обвинение ми го уништија семејството, истакнува Илиевски.

Наредното рочиште е закажано за ноември, кога Илиевски и неговиот брат и татко треба да ги кажат завршните зборови.

Душко додава дека од овој суд очекува минимална оштета, бидејќи со одбивањето на клучните докази му го оневозможуваат ова право.

Илиевски, заедно со неговиот татко и брат, во 2010 година беа спектакуларно притворени во нивната нива и подоцна обвинети дека се занимавале со незаконско производство на канабис сатива. Вакво обвинување добија и лично од премиерот, кој пред медиумите предвреме ги прогласи за виновни.

Откако беа притворени тие тројцата 12 дена поминаа во истражниот затвор во Битола.

По неколку месеци судење, Основниот суд во Битола со решение ги ослободи тројцата од обвинението за кое беа товарени и ги прогласи за невини.

Подоцна таквата пресуда ја потврди и Апелациониот суд во Битола, со што Душко Илиевски и неговите најблиски, целосно беа ослободени од секакво обвинение.

 

Поврзани новости