Незавршениот автопат Кичево – Охрид, за 12 години „извози“ неверојатни 800 милиони евра!

Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за транспорт и врски Александар Николоски беа на увид како течат работите во изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10. „Фокус“ во актуелниот број прави детален пресек како стојат работите со делницата „Кичево - Охрид“ која Американците, барем за досега, би ја опишале како neverending story. Автопатот во должина од 57 километри почна да се гради пред 12 години во 2014 година, а од тогашниот премиер Никола Груевски беше најавена како најголема инфраструктурна инвестиција во последните 50 години. Досега се пуштени нецели 40-тина километри, и тоа делниците Врбјани - Ботун (20 километри) и Климештани - Охрид (17 километри), додека другиот дел сè уште е во изградба. За изградбата првично беа планирани 374 милиони евра, но со анексите што се редеа низ годините, чинењето на автопатот драстично се зголеми и досега се реализирани речиси 560 милиони евра или над 93 отсто од предвидената сума за изградба на автопатот Кичево - Охрид. Ако досега исплатената сума е поголема од 93 отсто од предвидената, тогаш финалната, според досегашните проекции, требаше да изнесува близу 600 милиони евра. Ако на оваа сума од околу 600 милиони евра се додадат и 186 милиони евра од новиот - осми анекс, изградбата на автопатот се доближува до границата од дури 800 милиони евра.

by jadranka 20:03
20:03

Пишува: Зоран ФИДАНОСКИ

 Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски бурно реагираше кога во јавноста непосредно пред првомајскиот празник се појавија коментари со критика, а се однесуваа на изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Изградба што трае веќе 12 години од нејзиниот почеток, а сè уште никој со 100 отсто сигурност не може да ѝ го прецизира крајот. Барем такво е доминантното мислење во јавноста, од кои дел речиси секојдневно ја поминуваа оваа делница со сопствен или друг тип на превоз и, што се вели со голо око, можеа да бидат сведоци како напредуваат работите со изградбата.

-Самопрогласени „синдикални лидери“ шират невистини, лаги и манипулации за изградбата на автопатот Охрид – Кичево. Ќе чинел милијарда евра, никогаш немало да се заврши и слични небулози. Без ниеден факт! Нула!!! Ама да се каже нешто… Нека не го замајуваат народот. За нивна жал, а за среќа на народот, автопатот ќе се заврши во предвидениот рок!

Точно е дека владата на СДСМ и ДУИ, по која очигледно жалат, камче не стави 7 години, ама точно е дека оваа влада на Христијан Мицкоски работи деноноќно. Потврда за тоа е што досега бев на работа во Министерството за транспорт, во недела, во 21 часот. Последен состанок беше за автопатот Охрид – Кичево. Ќе го завршиме на време и сите ќе му се радуваме, напиша во неделата доцна навечер, Николоски на својот фејсбук-профил, место каде што тој честопати ги промовира активностите, во прв ред градежните што се прават во државата, а за кои е надлежен неговиот ресор.

Ставот на Николоски, кој може да се протолкува и дека е искажан со доза на лутина, е реакција на зборовите што ги искажа првиот човек на Синдикатот за градежништво, Иван Пешевски, искажана во гостување на медиум, каде што тој покажа отворено голема скепса со проценката искажана од претставниците на власта дека се гледа крајот на овој,  погледнато од повеќе аспекти, комплициран инфраструктурен проект.

„Автопатот Кичево – Охрид е „бунар без дно“ – парите се пумпаат, плафонот од милијарда евра е пробиен, а крајот не се гледа! „Граѓаните плаќаат за пат што нема да го возат уште најмалку две до три години. Цените се напумпани до неразумност, а парите, наместо во квалитет и кај работниците, завршуваат во нечии туѓи џебови, рече во таа пригода, првиот синдикалец на градежниците.

Пешевски уште потсети дека првичниот договор за делницата со текот на годините, сумата вртоглаво расте преку нови и нови задолжувања, прашувајќи кој е виновен за таквата настаната ситуација.

-Најмала е вината кај главниот изведувач „Синохидро“, а многу поголема кај компаниите што зеле „делови од колачот“, а не ја завршиле работата. Свесно доцнење: „Се гради бавно за да се испумпаат што повеќе пари. Не се проблем луѓето, туку роковите и парите, кои постојано исчезнуваат, рече Пешевски, додавајќи дека пред само две до три недели бил на терен и, иако се работи „под полна пареа“, крајот не е ни на повидок“.

НОВ АНЕКС ЗА НОВИ 200 МИЛИОНИ ЕВРА 

А, сè почна само малку пред тоа, кога во јавноста беше обелоденето дека ќе се потпише уште еден анкес, осми по ред, со кој дополнително ќе се финансира изградбата на оваа автопатска делница, а која, како што беше објавено, ќе чини речиси 200 милиони евра. Тогаш министерот Николоски искажа една, во овој момент и по сите параметри, амбициозна најава дека крајот на 2026 година ќе биде тајминот кога ќе биде готов и го стави автопатот Кичево – Охрид повторно во центарот на вниманието.

Тоа е оној заборавен проект, од кој сите се имаа откажано и ние како влада, кога бевме избрани, решивме да го завршиме. Веќе 37 км се завршени, од кои 34 км се во функција, а очекуваме до крај на годината целиот да биде завршен. Она што останува е спојот на потегот од Струга до ГП Ќафасан. Тука имаме одредени предизвиици поврзани со УНЕСКО. Ќе разговараме со нив, не дали ќе има автопат, туку по која траса ќе оди решението и очекувам во јуни да имаме договори. ГП Ќафасан веќе го реконструиравме и во втора фаза ќе работиме на проширување, изјави Николоски во текот на минатиот месец, најавувајќи сериозна градежна офанзива, за финализација на овој проект.

Нешто подоцна, премиерот Христијан Мицкоски, при последната посета на Охрид го коригираше со најавите за финиширање на делницата – посочувајќи го првиот квартал од идната година како пореална опција за реализација.

Многу важно е кога патувате накај Охрид и кога ќе можете да го видите прогресот на автопатот што е пуштен во сообраќај и кој очекуваме согласно претходните најави да биде целосно пуштен од Кичево до Охрид најдоцна во првиот квартал од 2027 година. Знаете со какви предизвици се соочувавме, беше откажан кредитот од страна на кинеската Ексим банка, па со домашните комерцијални банки направивме синдикат и проектот ќе биде реализиран целосно до крај, изјави во таа пригода, Мицкоски.

Токму вербалната реплика меѓу министерот Николоски и синдикалецот Пешевски, како и ваквите најави од премиерот, беше повод „Фокус“ да се обиде да пронајде дел од одговорите поврзани со изградбата на овој автопат. Една милијарда евра (искажана од Пешевски) како износ е преголем за држава како Македонија и доколку се потроши за едно нешто, што и да е, а во случајов е автопат, повеќе од сигурно е дека ќе влезе во фокусот на интересирање на македонската јавност. Која – кога станува збор за оваа тема – редовно си поставува барем три прашања.

Прво, кога конечно ќе заврши неговата изградба и ќе биде пуштен во употреба. Второ, колку ќе биде неговата крајна цена и нели е таа малку превисока, и трето, зошто и по повеќе од една деценија од почетокот на работите, автопатот сè уште се гради.

Пред да се дадат одговори на поставените прашања, можеби не е лошо читателите да се потсетат макар и со еден мал „бекграунд“ на настаните.

ИЗГРАДБАТА ПОЧНА ВО 2014 ГОДИНА 

Автопатот во должина од 57 километри почна да се гради пред 12 години во 2014 година, а од тогашниот премиер Никола Груевски беше најавена како најголема инфраструктурна инвестиција во последните 50 години. Груевски тогаш уште и кажа дека овој автопат треба да го олесни и да го забрза транспортот на патници и стока и да придонесе за економски и туристички развој.

Досега се пуштени нецели 40-тина километри, и тоа делниците Врбјани – Ботун (20 километри) и Климештани – Охрид (17 километри), додека другиот дел сè уште е во изградба. За изградбата, првично беа планирани 374 милиони евра, но со анексите што се редеа низ годините, чинењето на автопатот драстично се зголеми и досега се реализирани речиси 560 милиони евра или над 93 отсто од предвидената сума за изградба на автопатот Кичево – Охрид. Ако досега исплатената сума е поголема од 93 отсто од предвидената, тогаш финалната, според досегашните проекции, требаше да изнесува близу 600 милиони евра. Ако на оваа сума од околу 600 милиони евра се додадат  и 186 милиони евра од новиот – осми анекс, изградбата на автопатот се доближува до границата од дури 800 милиони евра, што е за повеќе од двојно, односно за над 400 милиони евра ги надминува првично проектираните 374 милиони евра. Делницата Кичево -Охрид е со вкупна должина 57 километри, па излегува дека со последниот анекс, еден километар од автопатот ќе го достигне износот од речиси 14 милиони евра по изграден километар.

Потребата од дополнителните финансии, министерот Николоски пред народните избраници во Собранието ја бранеше со образложение, дека се наменети за работи што не биле предвидени во првичниот проект. Тогаш тој изјави дека со овие средства ќе се стабилизираат свлечиштата преку изградба на 14 галерии, ќе се постави заштитна ограда по европски стандарди и ќе се изгради контролен центар за тунелите.

-Интензивно се работи на проектот, задоволен сум со динамиката што ја има и со овој анекс конечно ќе го завршиме автопатот Кичево – Охрид, уверуваше Николоски на седницата на собраниската комисија, кога се бараа парите за новиот осми анекс на Договорот.

Автопатот Кичево – Охрид почна да се гради во февруари 2014 година, во времето на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ и според првичните планови тој требаше да биде готов до февруари 2018 година. Но, изградбата се пролонгираше, а во меѓувреме се смени власта – ја презеде СДСМ. Следеше препроектирање и допроектирање на недостатоците во проектната документација. Тогашната владејачка гарнитура обвинуваше за сериозни утки на основниот проект, кои мора да се средат, доколку се сака да се изгради квалитетен, стабилен и, пред сè, безбеден автопат.

Со анекси на Договорот рокот за изградба најнапред беше продолжен до 30 јуни 2021, а потоа беше повторно пролонгиран за уште две години, односно до крајот на 2023 година. Во февруари 2024 година, пред автопатот се испречија и 13 нови свлечишта. Неколку месеци подоцна, на 23 јуни 2024 година, ВМРО-ДПМНЕ повторно дојде на власт и вети дека автопатот ќе биде завршен до крајот на 2026 година, откако дотогаш на терен со голо око беше видлив многу мал напредок на работите.

КРАЈНИОТ РОК ЗА ИЗГРАДБА – МАЈ 2027

По трагата на одговори, „Фокус“ се обрати до Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), на чие чело е Коце Трајановски. Побаравме одговор најпрво на прашањето дали ќе успеат да одговорат на предизвикот од најавата на министерот Николоски дека очекува автопатот да биде готов до крајот на годинава.

-Во однос на роковите, за сите проекти што се под надлежност на Јавното претпријатие за државни патишта, се водиме според предвидениот рок во Договорот и Анексите потпишани за изградба на проектите, па така и за завршување на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, целта е согласно со потпишаниот Анекс бр. 8 да се запази наведениот рок/датум, кој е 31.5.2027 година, одговорија од ЈПДП.

Остануваат значи 20 километри, кои не се довршени и поврзани како целина за целата должина на делницата. Возачите што често ја поминуваат оваа делница, како особено проблематичен го оценуваат делот од околу десет километри меѓу Ботун и Климештани, а која го гради токму кинеската фирма „Синохидро“. Го прашавме ЈПДП дали е точно дека тој дел е критична позиција што многу бавно се гради и кои други точки ги сметате за критични за изградба.

-На делот од посочената подделница, идентификувани се 5 свлечишта, кои бараат дополнителена работа. За нив се изработени Основни проекти за санација на свлечишта и тие се веќе доставени до Изведувачот. На терен се почнати градежни активности, како ископ, изработка на ободни канали, изработка на анкери и придружни работи. Увидот за тоа дали посочената подделница е во критичен пад, ќе го дознаеме откако Изведувачот ќе ја изготви ажурираната Програма за работа за целосно завршување на работите на подделницата согласно со Анексот бр. 8, одговорија оттаму.

Ги прашавме и колкава ќе биде вкупната цена на чинење со најновото зад  олжување што ќе се направи.

-Согласно со реалните износи наведени во: основниот договор со 411.287.800,07 евра, Анексот бр.3 со 186.786.869,96 евра и Анкесот бр. 8 со 204.912.750,05 евра, вкупната цена на чинење изнесува 802.987.420,08 евра. Структурата на финансиски извори за потпишаниот Анекс бр. 8 е во фаза на преговори, одговорија од јавното претпријатие, кое е задолжено да го реализира целокупниот проект.

Повеќе прочитајте во актуелниот број 1596 од неделникот Фокус објавен на 07.05.2026 година 

Слични вести