Ништо не значат празните воспеани честитки полни со зборови, повторувани секоја година. Тие веќе не се ни акт на патриотизам. Денот на независноста ја губи својата смисла во заробените умови на луѓето. Кренатите чаши, извиците за Македонија, постовите и знамињата во дигитална форма по ѕидовите од социјалните мрежи не значат подобар живот, а ниту подобро утре. Борбата во секој еден од нас, желбата да бидеме подобри од вчера, а утре подобри од денес се она што не одржува и ни дава надеж дека работите ќе се сменат на подобро.
На Македонија очајно и е потребна храброст, очајно и е потребна нова надеж и вратена верба дека може подобро од ова. Многу подобро од сиве овие 25 години коишто ако ништо друго, барем заслужуваат поздрав за издржливоста на Македонија која и после 25 години неизвесност, 25 години неодговорност, таа се уште стои на нозе и чека за подобро!