Неверојатни 500 евра за Саша Ковачевиќ и шише пијалок во Охрид!

by fokus

Балканската музичка ѕвезда Саша Ковачевиќ доаѓа во Охрид, и ќе настапи на плажата Аквалина на 17-ти јули. Најавата за неговото гостување веќе е објавена од страна на организаторот ,,I-Vents event”, а цената на пакет влезниците ја остави јавноста во неверување.

Дури 30.000 денари изнесува пакетот наречен Ултра ВИП, а се нудат шест влезници и шише пијалок по избор. Во понудата може да се избира помеѓу неколку вида на виски или пак шампањ.
Поевтината варијанта е 12.000 денари за четири влезници и шише шампањ, а најевтината изнесува 6.000 денари, за четири влезници и шише вино.

Од продукцијата информираат дека во понудите е вклучен избор на висока маса или ВИП сепаре, односно Ултра ВИП пакетите вклучувале маса покрај базен и услуга од бар девојки и момци за секоја маса. Потенцирано е дека местата се ограничени.

И Ковачевиќ со видео порака им порача на своите обожаватели дека доаѓа во Охрид, со зборовите – Едвај чекам да ве видам! Како предгрупа ќе настапат Блу Бенд.
Саша е еден од низата на странски пејачи кои по укинувањето на забраната за настапи доаѓаат во Македонија. Еден ден пред настапот во Охрид, тој ќе пее во Струмица, во клубот Аватар. На 25-ти пак, овој месец, ќе настапи во Битола, во казино.

Десетици концерти на познати српски и хрватски музички ѕвезди веќе се одржаа ширум земјава, а за летниот период се најавени голем број на познати имиња кои ќе настапат пред нашата публика.

Вики Клинчарова

Поврзани новости