Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека отфрла каков било привремен прекин на огнот во војната против Хамас што не вклучува ослободување на сите заложници.
„Израел отфрла привремен прекин на огнот кој не вклучува ослободување на нашите заложници. Израел нема да дозволи гориво да влезе во Газа и се противи на испраќање пари во Појасот Газа“, рече Нетанјаху во телевизиско обраќање, пренесува Тајмс оф Израел, пренесува Танјуг.
Тој додаде дека Израел нема да запре додека не победи.
„Ќе го уништиме Хамас, ќе ги вратиме заложниците и ќе ја обезбедиме безбедноста на нашите граѓани и деца“, рече Нетанјаху.
Тој ги пофали израелските војници, велејќи дека тие „убиваат терористи во Газа дење и ноќе“, со тесна соработка на копнените и воздушните сили на израелската армија (ИДФ).
Тој ги предупреди непријателите на Израел на север (Хезболах) да не го ескалираат конфликтот бидејќи тоа ќе биде „скапа грешка“.
„Не можете ни да замислите колку ќе ве чини“, предупреди израелскиот премиер.