Необјавени фотографии од Тоше: Секогаш припаѓаше некаде подалеку од злобата и бедата!

by fokus

Денешниот ден, кога пред 40 години се родил легендарниот Тоше Проески, јавноста го одбележува објавувајќи негови песни, цитати и фотографии на социјалните мрежи. Неговите почитувачи од целиот Балкан се сеќаваат на харизмата, талентот и скромноста по кои беше познат, а пак пријателите и колегите знаат да споделат и по некоја анегдота, да раскажат за некоја случка со Тоше, спомнувајќи ја изреката дека се додека некого го спомнуваме, тој како на некој начин да е присутен помеѓу нас.

Еден од пријателите на Тоше кој денес по повод неговиот роденден се наврати на спомените е и иконата на моторџискиот живот во земјава, Ленин Јовановски, челниот човек на мото клубот Ноќни волци.
На својот Фејсбук профил тој сподели необјавени фотографии од времето на дружбите со Тоше.

Фотографиите на кои се гледа насмеаниот лик на Проески предизвикуваат носталгија, и не враќаат во минатите времиња. Тоше, заедно со Ленин и неговите деца, со Каролина Гочева, со други колеги, со менаџерката Лилјана Петровиќ, со неговата голема љубов Благица со која беше во врска околу осум години, на настани, на приватни дружби…

-Мојот објектив забележал само мал дел од тие моменти и незаборавни патувања, денови на неговите успеси. Верувам дека Небесното Царство како негов дом е совршенството на кое припаѓа, далеку од беда, злоба и неправда на оваа земја – напиша Јовановски.

За ,,Фокус” вели дека не знае што друго би кажал за фотографиите од далечните времиња, кои предизвикуваат емоции и тага за прерано завршениот живот.

-Напишав кратко под фотографиите, не знам што друго би кажал за Тоше… Сликите зборуваат се, тие се сеќавање на денешниот ден, на неговиот роденден, кога заедно прославуваме – ни изјави Јовановски.

Тоше загина во сообраќајна несреќа во Хрватска на 16-ти октомври 2007 година. Имаше само 26 години.

Вики Клинчарова

Поврзани новости