Бидејќи грчката култура и историја од памтивека се дел од универзитетското образование на современите западни политичари, ним не им беше тешко да заземат страна во грчко-македонскиот спор: страната на своето универзитетско образование. Со бугарско-македонскиот спор е малку поинаку. Но, не многу
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Телевизиската дебата за македонско-бугарските односи, полна со спротивставувања меѓу приврзаниците на двете најголеми политички партии кај Македонците, одеднаш произведува согласност.
Имено, соговорниците се согласуваат дека правото на самоопределување значи дека секој народ може да си ја пишува сопствената историја онака како што сака.
Никој не се сети дека суштината на дебатата со Грција беше токму таа наша желба: да си ја пишуваме македонската историја како што сакаме ние. За да кажеме дека темелите на нашиот идентитет се во античка Македонија.
Патем, го изградивме и најголемиот споменик на Александар Велики во светот. Затоа што, нели, секој има право на сопствени историски факти и сопствени митови.
Притоа, се заборави дека постои нешто што се вика објективна научна мисла, која беше и сѐ уште е на страната на нашиот јужен сосед. Имено, дека античка Македонија, во една поширока смисла, е дел од грчкиот свет.
И МИТОВИТЕ ПОЧИВААТ НА ФАКТИ
Значи требаше да ја научиме барем таа елементарна лекција: дека не е дозволено секој народ да си ја пишува историјата како што сака.
Си мислам, тоа би било пандан на правото секој поединец да си ја пишува својата биографија токму како што ќе посака. Па, да си напише дека е добитник на Нобелова награда за литература или светски првак во тенис или што било друго.
И покрај сознанието дека историските наративи на народите се полни со митови, сепак, и со тоа не треба да се претерува. Имено, и митовите не се производ на измислици, туку почиваат и врз определени историски факти.
Инаку, зошто маката да се истражува историјата и да се утврдуваат фактите. Зошто Хистори ченл? Се разбира, последниот сум што би рекол дека силата не игра улога во односите меѓу државите.
Пред години цитирав истражување на еден американски научник, кој статистички покажал дека, во последните 200 години, во споровите меѓу државите, во 80 проценти од случаите правдата била на страната на посилната држава.
Сепак, во вакви деликатни и ретки идентитетски несогласувања, како во нашиот случај со Грција и со Бугарија, образованието на светските политичари што носат одлуки во име на своите држави, има важна улога.
Така, знаењето стекнато на универзитетите на западните политичари вели дека Македонците се словенски народ што зборува македонски јазик, а таквото мислење се преслика во нивните политички одлуки.
Во битката за власт меѓу двете доминантни македонски партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, грчко-македонската тема заврши со смената на власт. Но, приказната не требаше да заврши тука и за интелектуалците на Македонија.
Задача беше да ја тераат додека не покажат каде згреши нашата државна политика кога, носителите на тогашната власт, решија да ги постави темелите на нашиот идентитет на територијата на грчката култура.
Да кажат дека, сепак, постои и светска историска мисла, со чии факти не е компатибилна аргументацијата на дел од нашите историчари и на политичарите.
Но, тоа не се случи. Народот, до ден денешен, остана со убедувањето дека само поради моќта на Грција, членка на НАТО и на ЕУ, неправедно ни беше одземен дел од историјата, кој, според светската историографија, никогаш и не ни припаѓал.
ИСТОРИЈАТА Е НАЈОПАСНИОТ ПРОИЗВОД
Бидејќи не ја апсолвиравме таа прва лекција, која нѐ чинеше четврт век стагнација, неспремни влетавме во нова историска замка, во која е неизвесно колку ќе седиме. Се разбира, зборувам за односите со Бугарија.
Бидејќи грчката култура и грчката историја од памтивека се дел од универзитетското образование на современите западни политичари, ним не им беше тешко да заземат страна во грчко-македонскиот спор: страната на своето универзитетско образование.
Со бугарско-македонскиот спор е малку поинаку. Но, не многу. Овојпат политичарите ќе ги консултираат своите научници и историчари зашто балканската историја не е дел од нивното образование.
Знаејќи по нешто, за она што пишува во нивните книги, заклучокот ќе биде јасен. Дека и Бугарите и Македонците сакаат сами да си ја пишуваат својата историја, ослободени од „стегите“ на светската научна мисла. Што правиме сега?
Како до решение кога знаеме дека „историјата е најопасниот производ што еволуирал од хемијата на интелектот. Нејзините својства се добро познати. Предизвикува соништа, труе цели народи, им дава лажна меморија, ги забрзува нивните рефлекси, им ги држи старите рани отворени, ги мачи и кога се одмораат, им создава илузии или на величина или на прогонетост, и ги прави нивните нации огорчени, арогантни, неиздржливи и суетни“. (Пол Валери „За историјата“ 1931).