Целиот тој државен криминал кога ќе го ставиш во една голема кутија и ќе ја завиткаш со македонското знаме, накитена со машнички од државни симболи, тогаш ретко кој би се осмелил да ја отвори таа кутија. Убаво завиткана и не чепната. Кој би сакал да ја отпакува и да ја тргне убавата обвивка од македонското знаме, а потоа да се осмели да погледне што точно има во кутијата?
За цела среќа, има патриоти луѓе, луѓе што скандирањето на името Македонија, пеењето патриотски песни и веењето на македонско знаме не ги прави патриоти, туку ги прави храброста и жртвата за Македонија. Тие луѓе одлучени се да погледнат и се соочат со она што го има во кутијата. А внатре, внатре откако ќе ја видат украдената иднина, безрезервно го креваат гласот и се борат против неправдата, против криминалот и против секој оној кој се обидел тоа да го сокрие под превезот на знамето. Тие луѓе вистински ја сакаат Македонија, многу повеќе од секој оној кој се крие зад името и симболите на државата. Навистина ми е мило што познавам многу такви луѓе и се додека тие се тука, Македонија ќе има шанса и ќе има надеж да стане држава каква што заслужуваме, праведна, чесна и еднаква за сите. До тогаш, никој не може да не спречи да се обидуваме во таа намера, дури и оној кој силно го вее македонското знаме во име на криминалот.