Нема струја во речиси цела Венецуела, пациенти умираа во болниците

by Fokus

Самопрогласениот претседател на Венецуела, лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо ја обвини власта за немањето струја во земјата.

– Луѓето умираа во болниците поради немање струја. Ова е вистинско зло. Неопходна е смена на власта, рече Гуаидо.

Тој не верува дека дошло до саботажа, како што тврдат венецуелските власти.

– Сите знаеме дека вистинската причина за лошата состојба на мрежата во државата е поради корупција на тоа поле, рече Гуаидо.

Националната корпорација за електрична енергија вчера соопшти дека струја нема во 21 од вкупно 23 сојузни држави во Венецуела, поради саботажа во најголемата хидроелектрана „Симон Боливар“.

– Саботиран е централниот генератор… тоа е дел од војната против државата. Ние нема да го дозволиме тоа и работиме на повторно воспоставување на системот за електрична енергија, се наведува во соопштението на  Националната корпорација за електрична енергија.

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро ги прекина часовите во училиштата и работниот ден во петок, за да се олеснат напорите за враќање на испораката на електрична енергија во земјата, напиша на Твитер неговата заменичка Делси Родригес.

Мадуро за инцидентот го обвини „американскиот империјализам“.

Фото: Тајм Магазин

Поврзани новости