Иднината на економијата е главните мозоци на земјата да творат во Македонија, а да може да продаваат низ целиот свет

by Fokus

Пишува: Венко ГЛИГОРОВ

Одлична е веста за подобрување на перформансите на македонската економија. Охрабрува ова. Следев последните денови и дебатите околу економијата на телевизиските станици за да може да оформам некое мислење.

Сметам дека Владата и ресорните министерства, а посебно Вицепремиерот и Министерот за финансии го омаловажуваат потенцијалот на новите трендови во платежните системи. Иако Министерот за финансии често ја споменува Данска како репер, тој изгледа воопшто не разбира дека економските перформанси на Данска се тесно поврзани со платежните системи во Данска според рангирањата е во првите три платежни системи во Европа и светот. За Вицепремиерот овие теми за платежни системи по се’ изгледа се страни (веројатно научен на големи зделки и не го интересира масовност), но има кабинет кој може да го подучи и брифира што треба да се прави.

Потенцијалот на Македонската економија лежи во тоа да биде отворена земја во која нашите луѓе-претприемачи и професионалци ќе може лесно и безбедно да наплатуваат од било кои купувачи секаде во светот. Приливите од продажбата треба да бидат едноставна операција, а за странските купувачи безбедна активност.

Странските инвестиции се важни за да се покрене замаецот. Сепак, целата економија не може да почива на големи странски инвестиции во кои се вработуваат претежно task-oriented вработени. Иднината на македонската економија е главните мозоци на земјата да творат во Македонија, а да може да продаваат низ целиот свет – и да наплатат за својот труд, производ или услуга. Потребно е да создадеме услови да може да се мотивираат најспособните да создаваат и да си го најдат интересот да живеат во Македонија.

Бидејќи сме мали, тука треба да дојде помошта од државата. Таа треба да почне активности со PayPal за прием на плаќања, да зборува со Google за да Македонија ја има на „картата“ на разните апликации на Google за водење бизнис. Паралелно со ова, да се создаде модерен платежен систем растеретен од социјалистички догми и страромодни сфаќања дека сите во приватниот сектор се криминалци. Со креирање на нови услови на стопанисување, банките ќе (мора да) се прилагодат и ќе бидат во функција на бизнисот, наместо да бидат препознавани како „дерачи“ на македонската економија.

Поврзани новости