Нема слободни викендици за Нова година, резервации се направиле уште во летните месеци!

by Fokus

Македонците дефинитивно се луѓе кои не можат така лесно да се откажат од забава, дури и во ек на пандемија. Во период кога угостителските локали работат со скратено работно време и е неизвесно до кога ќе бидат на сила овие мерки, граѓани желни за добра забава за новогодишните празници, си нашле начин да прослават во друштво, како во времето пред епидемијата.

Сопственици на викендички во популарните излетнички места, кои истите ги огласиле за изнајмување на онлајн огласниците, велат дека слободна викендичка за време на новогодишниот дочек нема ниту за лек. Биле направени резервации уште за време на летните месеци, а неретко дури и се платило авансно.

-Слободна е викендичката оваа недела, во тек на работните денови, за викенд имаме резервација. За Нова година е изнајмена, резервацијата е направена уште во месец јули, и платено е однапред– во телефонски разговор вели сопственик на луксузна вила на Попова Шапка.

Појаснува дека цената од вечер е 5.000 денари, а пак за новогодишните празници изнесувала 9.000 денари.
Во повеќето викендички кои се огласени наведено е дека капацитетот е шест, десет, па и повеќе лица. Некои имаат по два ката, некои се уредени поскромно, а некои со луксузен мебел и базени. Ниту од едните, ниту од другите не може да се најде слободно сместување за празниците.

-За Нова година изнајмена е викендичката уште од август, за три ноќи, по 120 евра од ноќ. Инаку, од вечер цената е 50 евра. Очекуваме гости и сега, за наредниот празник, Осми декември, најверојатно посетителите ќе си го спојат викендот- вели сопственик на викендичка покрај Мавровско Езеро.-Цената за новогодишните празници е 60 евра од вечер, условот беше најмалку за три ноќи да се резервира, и да, зафатена е викендичката, резервацијата се направи уште пред три месеци-беше одговорот на сопственик на викендица во Маврово.

Околу тоа на која возраст се луѓето кои уште од лето се подготвувале за новогодишните празници, сопственици на викендички велат дека ги има од сите генерации. Поевтините викендици најчесто ги резервирале младите, додека за поскапите се интересирале возрасни, семејни луѓе, кои со друштво планирале да слават на чист воздух, подалеку од градот.

-Што сте чекале до сега, па со време уште пред неколку месеци се прават новогодишни резервации, сега тешко да најдете, единствено ако некој откаже, беше одговорот на повеќето сопственици на викендици.
Освен во Маврово, на огласниците се нудат викендици и во близина на Велешко Езеро, на Пониква, во Берово, на Тиквешко Езеро, во Охрид.
И за сместувачките капацитети во Охрид веќе биле направени голем број на ангажмани за приватни апартмани за празникот.

Во време кога дневно имаме над 1.000 новоинфицирани со вирусот и кога мерките и препораките постојано се менуваат, што може да значи и за време на празниците да се забранат престои во викендици, (што беше случај пролетва, за време на продолжените полициски часови,) очигледно е дека желбата за добра празнична забава не е намалена.

Дури и ризикот, да останат без веќе дадените пари за сместувањето доколку се донесат нови мерки и забрани, многу граѓани го занемариле, надевајќи се на новогодишна прослава со пријатели, а пак помладите, на прослава со поголемо друштво. За ризикот од инфицирање со корона вирус, за кој епидемиолозите алармираат дека најлесно се пренесува на собири во затворени простории, и за редовните апели на здравствените власти, да нема одење на гости и дружби во затвор простор, најверојатно, многу граѓани понесени од празничната еуфорија, не размислуваат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости