Нема револуција на преговарачка маса, но револуционерното време допрва доаѓа!

by Фокус

Anastas Vangeli 1Пишува
Анастас ВАНГЕЛИ

Не треба човек да читал многу политичка теорија за да примени една од основните аналитички матрици за општествени ситуации како онаа во Македонија: тие што се за стратегијата багер се револуционери, а тие што преговараат се умерени опозиционери, односно реформисти. За вториве, успехот доаѓа во форма на компромис. Дејствувањето на двете струи може да вроди со синергија, но природно да е има и (вжештена) дебата меѓу нив. Но, она што во Македонија изостанува е – диференцирање на гледиштата и каква било дискусија меѓу различните опозициски ориентации.

Иако јас лично имам голем проблем со самиот факт што воопшто опозицијата одлучи да преговара, за момент ќе ја напуштам својата „револуционерна“ зона и ќе се обидам да пишувам како „реформист“ – воден од позицијата – ако веќе се преговара, нека не се прокоцкува можноста за излез. Главен мотив за оваа вежба е тоа што – во моментов меѓу опозициските пера, ми се чини дека натпреварот е кој да биде поостар и пореволуционерен, по секоја цена – особено од оние кои, парадоксално, се застапуваат за стратегијата на преговори.

НУЖНО Е „ОДГЛАВУВАЊЕ“

Прекинот на преговорите без решение ќе значи враќање во состојба на бесперспективност и на политички еквилибриум во кој Груевски добива сè. Во ваквото сценарио, многу можно е македонскиот случај да биде тргнат од дневен ред во меѓународната заедница (не само како небитен, туку како изгубен) и на сцена да стапи уште потврдокорно и поопресивно лице на власта од она што го знаеме.  Доколку се случи тоа, ќе има нормализирање и втемелување на авторитарен систем, и тогаш единствениот начин на отпор на долг рок ќе биде револуционерниот.

Претпоставката, сепак, е дека опозицијата во таква асиметрична констелација влегла во високоризичен преговарачки процес затоа што видела надеж во потенцијален договор. Сепак, суштинската разлика во рамки на големата шаренолика опозиција е што СДСМ, за разлика од сите останати, како дел од преговорите и како дел од одредени инстанци на власта (локалната, и технички законодавната), го нема луксузот да тера револуционерност како што тераат граѓанските организации и иницијативи, и политичките движења. По природа на нештата, СДСМ ако веќе преговара, треба да биде спремен да повлече и непопуларни решенија на краток рок, и да го амортизира гневот од нив на долг рок.

Опозицијата, значи, преговара за помрднување од статус кво, иако тие преговори не се одраз на реалната општествена слика. Сепак, тие се главен механизам преку кој ќе се воспостават условите за идната трансформација на институциите. Во меѓувреме, се уверивме во потенцијалот на тој процес кон себе да го привлече целото внимание на јавноста и да ги одложи сите други општествени прашања: бегалска криза, нови и нови случаи на експлоатација, па дури и смрт поради експлоатација на работничките и работниците, веќе и опиплива економска криза која власта сака да ја припише на нестабилната политичка ситуација – прашања кои доколку не се случеа во време на преговори, можеби ќе имаа поинаков политички ефект. Затоа, нужно е „одглавување“ од оваа ситуација.

По прашањето – што би било победнички исход, во широкиот опозициски спектар постои согласност дека корумпираната авторитарна власт мoрa дa замине. Но, како ја разбираме ситуацијата и како работиме на стрaтегијaтa за нејзино заминување? Доколку револтот беше правилно негуван, ситуацијата можеби ќе беше поинаква и опозицијата ќе имаше поголем маневарски простор затоа што ќе можеше да каже: „страв ни е да направиме компромис, видете ги сите овие гневни луѓе по улиците.“ Но, вака, кога протестот беше пацифициран и вкалапен според преференците на СДСМ и нивната коалиција, тие се во компаративно потешка ситуација.

ЈАСНОВИДЦИ И ПРОГНОЗЕРИ

Во таа смисла, опозицијата веројатно ќе мора да го прифати и „вториот најдобар“ исход за своја победа – а тој би бил, сериозно ограничен пристап на Груевски до институционална и вонинституционална моќ, и воспоставување основа за истрага и гонење за потенцијалните криминали. Прашање е колку ваквиот исход ќе биде прифатен од страна на големиот број граѓани и граѓанки што сакаат да го видат Груевски што поскоро не само детронизиран, туку и зад решетки. Таквото незадоволство, сепак, морало да биде вкалкулирано во пресметките на сите оние што некогаш заговарале стратегија на промена преку преговори, со пропратното задушување на револтот на улиците. Особено што ова не е првпат во последниве неколку години да се пробува ваква стратегија на опозицијата.

Најкобен непријател за широкиот опозициски спектар, оттаму, во моментов, е навивачкото интерпретирање на преговорите. Иако не може да се избегне реалноста дека секогаш ќе има луѓе што се ставаат во улога на јасновидци и прогнозери, нормализирањето на навивачкиот пристап кон преговорите создава голем процеп меѓу желбите и реалноста. На пример, во моментите кога се чинеше дека се спрема решение неприфатливо за опозицијата, почнавме да слушаме низа обвинувања за медијаторите, преиспитување на европските критериуми и вредности и оплакување на нерамната позиција во која опозицијата е ставена.

Опасноста од такво однесување е преголема – Груевски од антизападен забеганик да биде вратен меѓу живите преку преговори кои ги барала токму опозицијата! Кога веќе се влегло во преговори под медијација на ЕУ, нејзината наклонетост, сакале ние или не, е пресуден фактор во преговорите за која било страна. Кога веќе ЕУ е медијатор, нејзината наклонетост нема да се добие ниту со оцрнување, ниту со лелекање, туку со макотрпна работа дома, но и лобирање и активности во Брисел, низ европските главни градови и со пишување во меѓународниот печат.

„Навивачите“ при преговорите неосновано ги подигнуваат очекувањата на јавноста, но и ја замајува страната што ја поддржуваат, затоа што продуцираат лажен триумфализам. Особено проблематично е што преговорите се силно персонализирани во четирите лидери, па самата ситуација индуцира создавање култови на личноста. Во контекстот на опозицијата, фокусот кон Заев и повиците тој „да не попушта“ може да придонесат тој целосно да влезе во филм на историски херој и да не ја спознае вистинската шанса за постигнување компромис. Постои и опасност неговата поддршка да биде вештачки надуена од празна реторика, која евентуалниот компромис би ја пукнал како балон.

ДИСКУСИЈА БЕЗ РАКАВИЦИ

Во интерес на сите нас е ако дискутираме за преговорите како шанса, првенствено, да излеземе од институционалната и општествена заринканост. Заев не може во преговарачката соба да го уапси Груевски, или да му ги одземе премиерските моќи. Акцентот, оттаму, не треба да биде ставен само на постигнувањето компромис, туку пред сѐ на исполнување на договореното!

Токму затоа тука е важна онаа „умереност“ и трпеливост, но и мудрото поврзување со сите останати актери (албанските лидери – какви и да се, нивните се во парламентот; амбасадорите и меѓународните организации), различните општествени групи кои не се вклучени во коалицијата „Граѓаните за Македонија“ – и конечно, поддржувачите кои ВМРО-ДПМНЕ ги губи или е на пат да ги изгуби. Ваквото размислување би ни помогнало и да сфатиме – преговорите не се магичното стапче кое ќе донесе демократија – демократијата ќе треба да се гради со години и откако ќе падне Груевски.

На крајот, никој не смее да заборави дека ниту демократијата не е цел сама по себе туку предуслов за градење подобро општество.

Притоа, секако дека одговорноста е голема, и дека Заев ризикува! Но, тоа му спаѓа во описот на работното место! Воедно, преговори не бараа разгневените граѓанки и граѓани што протестираа по улиците, ниту, пак, сите оние политички и граѓански движења изминатиов период.

Токму затоа на опозицијата во оваа ситуација ѝ треба ефективност, а не гломазност; ѝ треба итрина и наратив – но и дебата, а не само некритичка поддршка во форма на огромна бројка на послушни „тела“ (тоа е критериум наметнат од страна на авторитарната власт). Накратко тоа значи – секој да го прави она во што е најдобар, на начин на кој може најмногу да придонесе кон делегитимирање и ослабување на авторитарниот систем, во една децентрализирана битка (оттаму, поарно тој што е добар пишувач да пишува, тој што знае директни акции да прави директни акции и сл.).

Притоа, важно е градењето врски и сојузи, но мора да се има предвид и која е цената што индивидуалните актери во отпорот ја плаќаат. Додека консултациите и дијалогот се за почит, одредени прашања мора да бидат дискутирани без ракавици. Дали на пример, при сојуз на СДСМ со граѓански организации се зајакнува или ослабува потенцијалот на СДСМ како партија и дали се загрозува позицијата на лидерството кај партиската база? Дали во таа ситуација граѓанските организации губат дел од својата „острица“ бидејќи се изместени од природната позиција на критичност кон сите, во позиција да се „во ист шатор“ со политички субјект? Дали улогата на умереност што треба да ја има СДСМ и природната револуционерност на граѓанството, искомбинирани на овој начин, го даваат најдобриот резултат?

ГЕНЕЗAТA НA ГРУЕВИЗМOТ

Ако тоа би била умерената позиција, тогаш која би била револуционерната?

Неприфатливо е, сите ние што се залагаме не само за смена на Груевски, туку и за коренита, системска и општествена промена, да дoзвoлиме како свои единствени оружја да ги земаме чувствата на пораз, жртва, и чувството на одвратност од Груевски. Додека ирационалното е важен кaтaлизaтoр и кaписла во борбата, сѐ помеѓу мoрa дa биде резултaт нa елaбoрирaнa трaнспaрентнa дoлгoрoчнa стрaтегијa и посветеност, во која ќе мора да се (само)едуцираме, да агитираме, но и да се запознаваме меѓусебно. Тoкму зaтoa би рекoл декa нaместo дa мaнтрaме „aјде сите дa се oбединиме“ (нa истoтo пoвикувa и Груевски вo бoрбaтa прoтив предaвниците) дa пoвикaме зa првпaт „aјде сите дa прoдискутирaме“ кои се проблемите, и кои се нашите мотиви за борба.

Револуционерните стратегии ќе ги градиме особено и врз лекциите од минaтoтo. Мораме да видиме која е генезaтa нa груевизмoт и факторите што го овозможиле неговото раѓање. Вo тaa смислa, кoлку и дa се Груевски и неговата клика „зaбегaни“, ние не смее дa го персонализираме злото. Анaлизaтa мoрa дa биде структурнa, зa и револуционерната стрaтегијa дa може да ја менувa структурaта. Така, не би зависеле од СДСМ и исходот на преговорите и би можеле да дејствуваме автономно, во име на промената.

Стрaшнo е штo сѐ уште кај многумина преовладува мислењето дека ако би имало избори по една година, дури и тие да се фер и демократски, ВМРО-ДПМНЕ на нив би остварило победа. Тoa е тaкa зaтoa штo oсвен делoт на идеoлoшки вљубеници или луѓе што се под силно дејство на пропагандата, има и луѓе кои се дел од разработен клиентелистички систем кој Груевски не го измисли, но го усоврши. Добар дел од тие граѓани се токму од најсиромашните и најмаргинализираните општествени групи, кои мораме да ги извадиме од канџите на клиентелизмот. Во основа, автократијата на Груевски се темели на неговата контрола врз ресурсите; без нурнување во проблемите на политичката економија, ќе биде невозможно да се изведе каква било суштинска политичка промена.

Потоа, голем дел од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ не менуваат страна, не толку поради реперкусиите на нелојалноста, туку и поради некoмуникaцијaта или негативната комуникација меѓу политички „завојуваните“ групи. Оттаму, за секој што сака коренита промена, остануваат предизвиците на тоа како политиката се разбира и како функционира. Отвореноста и комуникацијата се голем предизвик затоа што ние и можеби веќе имаме изгубено целосен контакт со оние од „другата страна“ – ќе треба многу работа за да оствариме минимум „меѓуполитички соживот“ во периодот кој доаѓа (налик идејата за меѓуетнички соживот после 2001).

ХОХШТАПЛЕРИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ И ОД ДУИ

Конечно, не смееме да ги губиме идеалите, по никоја цена и под налетот на ниедна закана. Еден од најчесто повторуваните изрази од страна на противниците на револуционерната мисла се на пример дека денес не ни требаат идеи и занесување, туку „реaл-пoлитикa,“ па дури и „пакт со ѓаволот“ само за да си оди Груевски! Нo, штo е реaл-пoлитикaта aкo не прoдoлжувaње нa истaтa таа мaтрицa нa интереси пред вреднoсти, кoјa нѐ дoведе дo oвa дереџе?

Поради „реал политиката“ (која патем, е одраз на најлошото од транзициската политика) имаме политички модел во кој оние со најмногу ресурси владеат, кој овозможува апсолутна моќ да стегнат хохштаплерите од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ. Тие се оние кои се највешти во играње на играта во која единствена цел е остварување на интересот (читај: профитот) по секоја цена, па дури и онаа на човечкиот живот. Тоа што имаат поддршка од голем број уценети, но и неуценети граѓани е резултат на реалполитички „пакт со ѓаволот.“ Пoлитичкиoт реaлизaм не мoже дa биде дoктринa нa тие штo се бoрaт зa суштинска промена! Бoрбaта зa слoбoдa е бoрбa што може да биде вoденa само oд идеaли.

Во Македонија има критична маса за таква борба. Во изминативе години видовме надоаѓање на една нова, автентична, самоорганизирана, хоризонтална и инклузивна – но ефективна, субтеренска политичка сила во форма на бројните протестни движења, која ги практикуваше вредностите за кои се залагаше. Таа сила имаше многу форми и облици, но дури и кога дејствуваше против одделни цели, тоа го предизвика „нормалниот“ општествен тек, создаде процеп во јавната сфера и точно ги покажа структурните проблеми на сегашните форми на политичко дејствување. Покажа дека политика може да се води со малку ресурси, а со многу срце.

Додека вниманието е на преговорите, таа сила се прегрупира, будно следејќи ги општествените текови. Нејзиното повторно и уште погромогласно надоаѓање е неминовност – за тоа сведочат и регионалните, и европските текови – насекаде новата политика ја растресува старата. Нема зошто Македонија да биде исклучок од тие процеси. Таа нова сила, во Македонија веќе ги освои симпатиите на граѓанките и граѓаните, и тие во неа препознаа иднина. Сите тие што веќе се изморени од старото, очекуваат во нетрпение.

Ќе победиме!

Авторот е докторанд по компаративна политика, активист на Левичарското движење „Солидарност“ и е дел од #Протестирам. Неговите ставови се лични и не претставуваат официјален став на ниедна организација.

Поврзани новости