Осомничениот во случајот „Труст“, Сеад Кочан, нема да оди во притвор бидејќи Кривичниот суд денеска информираше дека го одбиле предлогот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
-Во одонос на лицето С.К. по разгледвуање и ценење на фактите и доказите приложени во предлогот за определување мерка притвор, судијата на претходна постапка донесе решение со кое го одби предлогот на СЈО. На ова решение странките имаат право на жалба во рок од 24 часа, информираат од Кривичниот суд.
Додека пак за осомничениот Василије Авировиќ судот одлучил да му одреди мерки на претпазливост.
-Во однос на лицето В.А. Јавниот обвинител од СЈО пред судија на претходна постапка го повлече предлогот за определување мерка притвор и предложи определување мерки за претпазливост од член 146 став 1 точка 6 и точка 7 од ЗКП што по разгледување и ценење од страна на судијата на претходна постапка беше уважен и со решение определени се мерки – Забрана за воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и мерка Забрана за преземање определни работни активности кои се поврзани со кривичното дело, велат од судот, од каде што додаваат дека против ова решение странките имаат право на жалба во рок од 3 дена.
Во предметот „Труст“ осомничени се три физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ од Студеничани за учество на тендер на Електрани на Македонија.
Во случајот „Труст“, како што информираше СЈО, три фирми, задружени во конзорциум, го добиле тендерот на ЕЛЕМ вреден 1,06 милијарди денари или 17.235.772 евра, доставувајќи фалсификувани документи за сопственост на мехнизација и за кадровска екипираност.