Нема повеќе возење на мотоцикл без заштина кацига за возачот и совозачот, во тек се засилени акциски контроли!

by fokus

Од СВР Велес информираат дека во регионот ќе се продолжи со засилените контроли, и апелираат да не се седнува на мотоцикл без заштитен шлем, без возачка дозвола и останата потребна документација за исправност на возилото. Управувањето на мотоцикл без кацига, како за возачот, така и за совозачот е задолжително и мора да се почитува.

Законски предвидената санкција за прекршокот некористење кацига, односно заштитен шлем при возење на мотоцикл, како за возачот, така и за совозачот, изнесува 45 евра, а пак санкцијата за нерегистриран мотоцикл изнесува до 500 евра во денарска противвредност.

Изминатата недела во Неготино се случија повеќе сообраќајни несреќи во кои учествуваа мотоцикли. Мопед управуван од малолетник се судри со патничко возило, возач со нерегистриран мотоцикл заврши во ѕид на куќа, а граѓаните сведочат и на повеќе помали незгоди со мотоцикли, во кои возачите и сопатниците поминале со помали повреди, а настаните дури и не биле пријавени во полиција.

Бројни се и реакциите на граѓани кои сведочат дека деца кои не наполниле 14 години управуваат електрични тротинети на коловозот, иако е забрането со закон, и ја загрозуваат сопствената, но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.

Градоначалникот на Неготино, д-р Горан Стојанов преку ,,Фокус” упати апел да се почитува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Порача да се управува со мотоцикл одговорно, а носењето на заштитен шлем да стане редовна пракса на сите кои управуваат со мотоцикли, како и за нивните совозачи, со цел да се превенираат настани со немили последици.

Сепак, предвидените глоби, а и загрозувањето на сопствената безбедност, како безбедноста на останатите учесници во сообраќајот, како да не се доволно предупредување за возачите на мотоцикли, кои периодов се доста раздвижени по улиците.

На очиглед на јавноста, честа слика е управувањето на мотоцикли од страна на малолетници без заштитна кацига.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во тек се засилени акциски контроли на територијата на целата земја, а вчера за само шест часа биле санкционирани дури 112 возачи кои не користеле кацига. Без возачка дозвола возеле 31, а биле регистрирани и други прекршоци.
Истакнаа дека засилените контроли ќе продолжат и наредниот период.

Вики Клинчарова

Поврзани новости