Нема никаков анекс на договорот со Бугарија, во акцискиот план се повторуваат старите бугарски позиции, вели Пендаровски

by fokus

Бугарскиот одговор на Акцискиот план, што претходно до Софија го достави Северна Македонија практично не излегува надвор од параметрите на старите бугарски одговори, во него нема ништо суштинско различно од досегашните нивни позиции, вели претседателот на Република Северна Македонија во интервју за МИА.

– Одговорот на Акцискиот план практично не излегува надвор од параметрите на старите бугарски одговори. Значи, не можам да видам нешто суштински различно во нивните позиции, можеби некои фрази тука и таму. Меѓутоа, одговорот што го видов од бугарска страна на нашиот Акциски план практично не одговара на еден дел од нашите барања. Има и за тоа, меѓутоа, повторно во тоа вметнувате што вие мислите за идентитетските белези на македонската нација. Ние тоа не го бараме. Не го спомнуваме во Акцискиот план бидејќи тоа е надвор од какви било преговори. Ви реков, можеме секоја друга област да ја зборуваме, не смееме и нема да зборуваме сигурно за тоа кои сме, што сме итн, вели Пендаровски

Тој во интервјуто тврди дека она што Бугарија ни го испорача преку специјалниот пратеник Владо Бучковски, не е нов договор, додаток на договор, протокол, анекс.

– Станува збор за Акциски план, кој ние го понудивме во наредниот период и на кој тие сега одговараат и во тој Акциски план понуден од наша страна нема апсолутно никаков момент од идентитетски белези, јазик, нација итн.

За што станува збор? По декемвриското де факто вето од Бугарија бидејќи тоа сепак беше одлука на ЕУ каде што не се постигна целосен консензус, ние понудивме сет мерки што би требало да ја „олабават“ да речам така атмосферата во наредниве месеци, бидејќи знаете дека Бугарија има предвремени парламентарни избори, веројатно март или април. И во тој предизборен период е многу тешко вие со „ладна“ глава, зборувам пред сè за колегите од Софија, да влезете во расправа за прашања за кои претходно и во период во кој немавме избори пред нас не можевме да се договориме од познати причини.

Во овој момент ние разговараме за да ги наречам не неважни, меѓутоа странични прашања на главниот проблем. Значи, зборуваме за инфраструктура, за образование, за медиуми, за подобро поврзување во различни области, во енергетиката, кои се врзани со главниот проблем. Главниот проблем го знаете – инсистирањето на Бугарија дека во идентитетските маркери на македонската нација треба пред 1944 година да се потпише дека биле бугарски, односно дека корените биле бугарски. Ние, се разбира, на тоа ниту некогаш сме се согласиле ниту ќе се согласиме во иднина, меѓутоа ако не успеавме да постигнеме согласност од двете страни, особено од софиска да нè пропуштат, да ни дозволат да почнеме со првото ниво во декември, од тие причини со користење на познатиот нивни вокабулар не верувам дека сега можеме во јануари, февруари, март тоа да го направиме.

Значи, станува збор за еден пристап инициран од наша страна, за кој се надевам дека бугарската страна ќе се согласи, кој треба да ја изгради повторно атмосферата на доверба, за да можеме да разговараме за сите прашања. Повторувам, не станува збор за никаков нов договор, додаток на договор, протокол, анекс итн, вели Пендаровски во интерјуто за МИА.

Тој открива дека најверојатно следната недела за сето ова ќе се разговара на собраниската комисија за европски прашања или за надворешна политика, дека за тоа Владата донела одлука, но не знае дали информирањето на пратениците за последните случувања на релација Скопје-Софија ќе биде отворено за јавноста.

Претседателот очекува дека останатите земји-членки на ЕУ ќе станат посвесни и ќе притистнат, бидејќи интегрирањето на Западен Балкан во Унијата е геополитички важно прашање, а помош очекува и од администрацијата на новиот американски претседател Џо Бајден, која го познава регионот и верува ќе го зајакне фокусот кон него.

Поврзани новости