Две лица меѓу кои и нашиот кандидат за воен претставник во Алијансата не добија НАТО безбедносен сертификат, потврди претседателот

by fokus

Повеќе од половина од лицата кои се подложени на реветинг процесот, кој се спроведува согласно НАТО стандардите за сите оние кои имаат допир со НАТО класифицирани информации досега го поминале тестот. Процесот се уште трае, на проверки се подложени околу 150 лица од највисоките политички, разузнавачки и одбранбени ешалони. Досега само за двајца има негативни оценки, меѓу нив е и нашиот кандидат за воен претставник во НАТО.

Ова во интерју за МИА го изјави претседателот на државата Стево Пендаровски, кој формално бил првиот кој бил ставен на проверка и пред неколку месеци добил НАТО сертификат за допир со класифицирани информации.

Сите функционери, но и сите вработени чии работни обврски подразбираат работа со НАТО класифицирани информации треба да поседуваат НАТО безбедносен сертификат. Како земја партнер Северна Македонија и порано разменуваше класифицирани информации со НАТО и одреден број функционери и вработени и порано имаа пристап до НАТО сетификати, но само до определен степен на тајност. До пред официјалниот влез, на сите функционери кои имаа контакт со класифицирани информации им беше потребен т.н. национален сертификат за пристап до нив, но, од март лани е неопходен НАТО сертификат за пристап до класифицирани информации.

Досега се одбиени две барања, а шефот на државата очекува дека ќе бидат одбиени и други, но, како што нагласи смета дека таа бројка нема да надмине 15 лица.

– До овој момент имаме само две, вие барате да добиете сертификат, а тоа формално правно барање ви е одбиено. Значи, имаме само две негативни барања, две лица се одбиени. Едниот е веќе познат во јавноста, нашиот кандидат што требаше да биде главен воен претставник во Алијансата во седиштето во НАТО и второто лице сè уште не е познато во јавноста, меѓутоа не би сакал да шпекулирам, не е од сферата на политиката за кој интересот во јавноста е најголем. Меѓутоа, имаме досега многу мал број одбиени луѓе. Само двајца формално до овој момент. Можеби ќе има уште неколку, меѓутоа јас не очекувам дека тие ќе бидат повеќе од дузина, 10-15 максимум, нагласува претседателот во интервјуто за МИА.

Оваа проверка се врши од 27 март, откако Северна Македонија и официјално стана земја-членка и се спроведува по две основи.

– Проверуваат по две основи. Едната е дали имате контакти со тие, ги нарекуваат малигни државни, ентитети и поединци, преведено во наш јазик дали имате некакви сознанија за тоа и тоа лице дека евентуално е блиску до некои шпионски канали или комуникации, а втората е висока корупција. Тоа не се докази дека некој е корумпиран или не е доказ дека некој е шпион на друга држава, меѓутоа ако некој е склон, тој збор го употребуваат, ако некој инклинира кон висока корупција може да биде лесна цел и за шпионажа. Значи, тоа се тие две главни основи, по кои тие ги проверуваат. Нè проверуваат сите нас, нагласува шефот на државата.

Претседателот вели дека оваа проверка не познава партија, во неа не важи – ако некој е од спротивниот политички табор е криминалец, ако е од твоите се снашол. Порачува дека во НАТО нема снаоѓање.

Поврзани новости