Нема корона вирус во Кривичен суд

by Fokus

Вработениот во судската писара во Кривичен суд е негативен на тестот за корона вирус, информираа од Кривичниот суд по појавените информации на социјалните мрежи дека вработениот е заразен со вирусот.

„Основниот кривичен суд Скопје, во однос на информациите објавени на некои портали и профили на социјалните мрежи од 01.06.2020 год. дека вработен во судската писара е позитивен на вирусот КОВИД – 19, ја информираме јавноста дека посочениот колега веднаш беше упатен на тестирање и по добиените резултати истиот е НЕГАТИВЕН НА ВИРУСОТ, за што до управата на судот е доставен и резултатот од тестирањето.

Како суд апелираме до медиумите и сите останати субјекти кои лиферуваат информации на порталите и социјалните мрежи за судот, да ги проверуваат информациите пред нивно објавување. Судот се залага за транспарентно и отчетно работење и има одлична соработка со поголем дел од медиумите.

Но, потребно е да се напомене дека секоја непроверена и неточна информација освен што наштетува на угледот на институцијата, може негативно да се одрази и на некои недолжни колеги или граѓани како во овој случај.

Досега неколкупати ја информиравме јавноста дека како суд строго се придржуваме до препораките за заштита од вирусот. Судниците и судските простории редовно се дезинфицираат, на вработените и странките кои влегува во судот им се мери температурата со безконтактни уреди, секој е должен да носи заштитна маска и ракавици, се одржува растојание на присутните во судниците, канцелариите и писарниците, а сите вработени кои се хронично болни, самохрани родители или чуваат дете помало од 10 години се ослободени од работа.

До овој момент ниту еден вработен не пријавил дека имал контакт со заболен и дека му е дадена препорака за самоизолација, а доколку некој пријави дека е позитивен на вирусот, судот ќе ги преземе сите мерки согласно напатствијата на здравствените власти“, велат од Кривичен суд.

Поврзани новости