Денешната рунда преговори помеѓу претставниците на четирите најголеми партии заврши по три часа, но без постигнат договор за сите точки околу изборниот процес. И денеска учесниците во преговорите не дадоа изјави за јавноста, а иако се очекуваше конечен договор, тоа изостана.
Најголеми несогласувања има по однос на гласањето на дијаспората. Предлогот на СДСМ е гласовите од дијаспората да се претопат со гласовите од Македонија, со што сите гласови ќе имаат иста вредност, додека ВМРО-ДПМНЕ смета дека дијаспората заслужува да има свои пратеници.
Ставовите се доближени за составот и надлежностите на ДИК. Најверојатно, бројот на членови на комисијата од 7 ќе се зголеми на 9. Тројца ќе бидат по предлог на владеачките партии, тројца по предлог на опозицијата, а тројца од редот на експертите.
Преговорите продолжуваат утре, а главна тема ќе биде Специјалниот јавен обвинител. Досега, учесниците во преговорите се согласија само за начинот на прочистување на Избирачкиот список, кој ќе се прави со активна регистрација на гласачите.