Нема амнестија, ќе има одговорност! Има начин!

by Фокус

Знае власта на СДСМ и ДУИ дека ги пакува куферите и се обидуваат да си изгласаат амнестија за себе, но да им кажам, правдата ќе ги стигне сите! Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ апсолутно ќе ги гони, ќе се најде правен начин.

Пишува: Александар НИКОЛОСКИ

Минатата недела се случи еден од најголемите срамови што правото и правосудството ги видело во Македонија. На шверцерски начин, протнувајќи го Кривичниот законик со европско знаменце, со цел ВМРО-ДПМНЕ да не може да поднесе илјадници амандмани и на тој начин да го блокира носењето, се вршат измени во два клучни члена.

Едниот е членот 353, кој се однесува на злоупотреба на службена положба и овластување, и вториот е членот 394, кој се однесува на злосторничко здружување. Тоа се двата члена по кој се гонат сите што вршат злоупотреба на службената положба и овластување, односно да бидам подиректен, сите што своите извршни функции ги користат за криминал.

Тоа се двата клучни члена за да се гони кој било функционер. Затоа што, на пример, за злосторничко здружување, многу јасно пишува во законот што помина дека се прави измена со која зборовите „до 10 години“ се заменува со „до 3 години“, што значи дека застареност настапува за 6 години.

Да преведам, кривични дела што на пример Зоран Заев ги направил во 2017 година како премиер заедно со двајца министри и тројца директори потенцијално и така се формира злосторничко здружение, веќе во моментов се застарени.

УБИСТВО НА ПРАВДАТА

Владата што дојде на чело на Македонија со паролата „нема правда нема мир“ ја убива правдата во Македонија со застарување на кривични дела.

Владини коалициски партнери, кои предлагаа измени на Уставот со цел да немало застарување на кривичните дела за криминал и корупција, сега гласаа измени на Кривичниот законик, со кој ќе се овозможува застарување на кривични дела за криминал и корупција.

Надежта на актуелната власт е дека в година ќе се случат избори, кои ќе се случат максимално подоцна колку што можат и на тие избори знаат дека ќе изгубат, надежта им е кривичните дека да застарат затоа што гледаат како да стигнат до застареност од 6, односно 10 години, зависи за кое кривично дело се работи, така што калкулираат колку долго биле на власт, кои биле на власт, со цел да застарат делата во иднина.

Јасна е целта, знае власта на СДСМ и ДУИ дека ги пакува куферите и се обидуваат да си изгласаат амнестија за себе, но да им кажам, правдата ќе ги стигне сите!

Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ апсолутно ќе ги гони, ќе се најде правен начин како да се гонат. Нека не се надеваат дека поблагиот закон ќе можат да го користат и дека ќе може да се повикуваат на застареност. Ќе се најдат начини како да се гонат.

ОДГОВОРНОСТ ЌЕ ИМА

Не се само два члена во Кривичниот законик, не е само злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување, си има и други членови по кои ќе им се најде начин да се гонат.

Знам дека ова звучи како закана, но мора на крај и закани да испраќаме затоа што е јасно дека се оди на амнестија.
Најдобар доказ дека се работи за закон, кој е безобразен и кој значи амнестија за криминал, е што министерот за правда не го потпишал, а пратениците на неговата партија не го гласаа.

Министерот знаел што има во законот и не сакал да го потпише и не беше присутен во Собранието да го брани истиот овој закон, затоа што ова е закон што не се брани.

Самото тоа што законот се предлага со европско знаменце и се закажува комисија во 18 часот попладне во денови кога број 1 скандал и случај во Македонија е случајот со Онкологија, со цел да не се пренесе ова во јавноста, покажува дека намерите овде не се чесни, односно дека намерите се амнестија за криминал.

Но, тоа следната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи. Одговорност ќе има, казни и правда ќе има!

(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости