Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов е недостапен за новинарски прашања. Фокус во неколку наврати претпладнево се обиде да добие одговор во врска со доделувањето мандат за нова влада откако Зоран Заев, лидерот на СДСМ во понеделникот достави 67 потписи, но во претседателскиот кабинетот никој не одговара на телефонските повици.
И во СДСМ се уште немаат информација дали денеска Иванов ќе го покани лидерот на партијата за да му го додели мандатот.
Утрово партијата на Павле Трајанов, но и други политички партии го повикаа Иванов денеска да му го додели мандатот за состав на владата на Зоран Заев кој доби поддршка од 67 пратеници.
Согласно Уставот, мандат за состав на Влада, добива партијата или партиите кои имаат обезбедено мнозинство во парламентот.
ДС предупреди дека состојбата во државата може драматично да се усложни доколку и натаму парламентот е без претседател, владата техничка, а лидерот на владејачката партија повикува и организира протести со цел да се блокира формирање на влада.
Стеј Департмент вчера повика македонските лидери да формираат нова влада без одолговлекување, а претходно и Европскиот парламент порача „формирање на нова, стабилна и одговорна влада и транспарентна транзиција, во согласност со уставните и со законските барања и постапки“.