Неколку прашања за нашите измамени Полицајци!

by Фокус 20:18
20:18

Кого тоа вие браните од нас граѓаните на Македонија?

Kого тоа чувате од нас граѓаните застанти така до заби наоружани пред нас?

- Advertisements -

Кого тоа штитите од нас граѓаните со вашите барикади, борни коли, гумени куршуми, електрични пендреци, водени топови?

Размислете:

Дали вие, всушност, за вашата мизерна плата со тоа оружјето ги чувате нечесно стекнатиот имот и пари на вашите шефови, началници, министри?

Дали вие, всушност, со вашето оружје ги браните оние мали ситни души, кукавици, кои дрско се возат наоколу во бесни коли купени со ваши и наши пари?

Размислете:

Дали сте подготвени да не тепате или да пукате во нас, и потоа да си појдете дома и да спиете мирно во своите сиромашни станови, додека истовремено вашите шефови уживаат во раскошни вили и ни за момент не помислуваат дали вие можете да составите крај со крај од први до први?

Размислете:

Дали, вие што спиете на кебиња оставени од ЈНА, вие кои ве нарекуваат будалетинки и човечиња, вие на кои ви фрлаат само ронки од нивната богата трпеза, дали сте вие подготвени да ги тепате и да пукате на своите најблиски?

Дали сте подготвени да удрите на своите деца, додека децата на вашите министри, шефови, началници се луксузираат и се расфрлаат со пари украдени од вас и од нас на некое топло море?

Размислете!

Дали знаете од кого тоа ја браните нашта државата?

Ние не сме против државата! Ни сме за државта! Ние граѓаните на Македонија сме државата! НИЕ СМЕ МАКЕДОНИЈА!

Дали тоа вие ја браните Македонија од нас, граѓаните на Македонија?

Ние бараме тие бескрупулозни разбојници и арамии, што ни ја украдоа државата, што ја претворија во срамна пустина без иднина да си одат веднаш.

Размислете:

Кого тоа вие браните од нас,  од граѓаните на Македонија?

Ние знaеме дека вам денес ви е најтешко. Ние знеме дека сте распнати меѓу бескрупулозните наредбите од шефовите и трепетот на вашите срца и разум.

Размислете:

Дали сакате да завршите како слуги осудени за злостор кон своите сограѓани, кон својот народ, како што многумина завршиле во историјата, или сакате да живеете како горди луѓе со високо дигнати глави?

Размислете:

Со кого сте?

Дали сте со нив, со тираните жедни за крв и гладни за човечко месо или сте со нас, со своите деца, со своите блиски, со своите соседи, со граѓаните на Македонија кои сакаат слободна, демократска, праведна, и богата држава?

Д-р Наум Пановски, режисер и универзитетски професор

Поврзани новости