Некогашните соборци денеска ривали за фотелјата на ССМ

by fokus

В.д. претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, и претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски, се кандидати за претседател на ССМ на Вонредниот Конгрес кој се одржува денеска.

Димовски и Грујовски се некогашни соборци во битката да се турне од власт во ССМ поранешниот претседател, Живко Митревски, но на денешниот конгрес ќе се борат еден против друг за лидерското место на синдикалците.

Претседавачот на Претседателството на Вонредниот конгрес, Роберт Симоновски, изјави дека меѓу овие двајца кандидати ќе се избере новиот лидер на ССМ.

-Демократските процеси во Сојузот на синдикати ќе бидат целосно запазени и сите оние шпекулации кои циркулираа изминатиот период се отстранети. Денеска имаме потенцијални двајца кандидати кои ќе влезат во избор за претседател на ССМ – изјави Симоновски.

Од ССМ порачаа дека вратите на пленарната седница која се одржува денеска на пладне, се отворени за присуство на сите делегати, членови на синдикатите здружени во ССМ и претставници на медиумите. На седницата присуствуваат и високи синдикални претставници од Европската Конфедерација на синдикати како и првите луѓе на синдикалните Сојузи од регионот членки на Регионалниот синдикален совет СОЛИДАРНОСТ.

„На ова продолжение присуствуваат Делегати од сите Грански синдикати здружени во ССМ со што се потврдува единството, транспарентноста и демократичноста во ССМ. Заложбата во изминатиот период ќе резултира со завршеток на Вонредниот Конгрес на кој на најпринципиелен, транспарентен и демократски начин за прв пат во рамките на ССМ и синдикалното движење во РМ ќе се избере претседател на најмоќната синдикална организација“, велат од ССМ.

 

 

Поврзани новости