Неготинци бараат референдум, Општината ги кани на забава за Свети Трифун!

by fokus

Наместо на прослава по повод празникот Свети Трифун на 14-ти февруари, на градскиот плоштад во Неготино, со Елена Велевска, Миле Кузмановски и фолклорни друштва и ансамбли, неготинци доколку не добијат датум за референдум против депонија, ќе заминат на протестен собир пред општинската зграда.

Здружението на граѓани Ековита, кое беше иницијатор за собирање на потписи за референдум најави дека ако до 13-ти февруари, кога е краен рок Советот да одреди датум за одржување на референдумот, не ја исполни својата законска должност, наредниот ден ќе ги повика граѓаните на собир пред општинската зграда.

Таму, ќе се бара средба со советниците и нивно појаснување зошто сметаат дека референдумот е беспредметен и носи непотребни трошоци, па наместо да се одбележи денот на лозарите и винарите,, граѓаните ќе си ги бараат своите права кои им следуваат со законот за референдум.

-Во тек на вчерашниот ден случајот беше пријавен кај Народниот правобранител. За жал, првиот случај кога Советот на Општината се стави над законите и над народната воља во нашата држава се случи во Неготино и ние мораме да реагираме според правилата. И покрај тоа што се исполнети сите законски одредби за граѓанската иницијатива за референдум, Советот си даде за право да толкува, а не да спроведува законски одредби. Затоа, доколку до истекот на крајниот рок за одредување на датум за референдум советниците не постапат по закон и не го одредат датумот кој граѓаните со право го бараат, од страна на здружението сите загрижени граѓани ќе бидат повикани пред општинската зграда на собир – велат од Ековита за ,,Фокус”.

Од здружението се против одлуката на Советот дека референдумот е беспредметен, бидејќи се укинати продажбата и претходните одлуки за депонијата од 2009 и 2019 година. Овие одлуки според нив се политички и граѓаните имаат недоверба кон локалната самоуправа и може да се повторат од некоја следна локална самоуправа.

-Иницијативата е легална, поткрепена со 3.323 потписи пред која и Боговите молчат, а нашите советници се обидоа секој за себе да си го толкува законот за референдум и да ја оспорува граѓанската иницијатива.

Граѓанската иницијатива беше поттикната и успешно се реализира за да се слушне гласот на народот и согласно со член 2 од законот за референдум оваа иницијатива е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одделни прашања од надлежност на Собранието на Општина Неготино.

Значи, целта ни е да се изјаснат граѓаните и затоа е поставено прашањето:
Дали сте за изградба на депонија за неопасен и инертен индустриски отпад и други видови на загадувачи во Општина Неготино (ЗА или ПРОТИВ)
Со позитивен исход на граѓаните ќе се стави крај на секаква идеја за изградба на депонија во Општина Неготино – е ставот на Ековита.

Револтот на граѓаните поради ставот на градоначалникот Делков и советниците од редовите на СДСМ дека референдумот е беспредметен и носи трошоци на општината е голем. На социјалните мрежи веќе се објавуваат повици за време на изборите во април, наместо да го заокружат својот политички фаворит, неготинчани во знак на протест да напишат –Стоп депонија, на гласачките ливчиња.

 

Во петок пак, по повод неодредувањето на датум за референдум, граѓански активисти ќе одржат јавна трибина во Дом на култура ,,Ацо Ѓорчев”, со почеток од 19 часот. Сите граѓани загрижени поради случувањата се поканети и добредојдени да го искажат својот став – известува активистот Љубе Темелков.

-Нема што да славиме празник на градот на 14-ти, ако нема референдум. Никој не смее да се стави над законите и да го погази гласот на народот. 3.323 лица од општината го дадоа својот потпис за референдум, таа масовност на граѓаните јасно кажува кој е нивниот став по повод референдумот.
Во контакт сум со сите надлежни институции, Народниот правобранител е во тек со состојбата, ќе бидат поднесени соодветни пријави против претседателот на Советот, Диме Витанов. На последната седница, советниците требаше само да го одредат датумот за референдум, а не да го убедуваат народот дека нема да има депонија. Нека одлучи народот дали ќе му биде дојдено до песна и забава на плоштад, или пак ќе си ги бара своите законски права – тврди Темелков.

Од општината, по последната Седница на Советот, на темата референдум се молчи. Последната вест споделена на официјалната општинска страница е програмата за забавната манифестација ,,Недела на виното” по повод Свети Трифун.

Дали неготинчани ќе слават Свети Трифун на 14-ти февруари со Велевска и Кузмановски на плоштад, или пак ќе излезат пред Собрание на средба со советниците, зависи од тоа дали ќе биде одреден датум за референдум во законски пропишаниот рок, односно до 13-ти февруари, информираат активистите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости