Неготинските арамии – меркалии за странски туристи!

by fokus

Во тек на летниот период покрај Неготино често минуваат, но и запираат да одморат голем број на странски туристи, чии крајни дестинации најчесто се Грција и Турција.
Патници од соседна Србија, Германија, Унгарија, Украина, Австрија и многу други земји, прават пауза од долгиот пат на бензинските станици, но и во хотелите и рестораните во близина на автопатот крај Неготино. Со оглед на тоа што најчесто се тргнати на летување и со себе носат парични средства, тие неретко се мета на арамиите.

Пред неколку дена, брачен пар од Украина, токму за време на својата почивка во Неготино остана без 4.500 евра, без мобилни телефони и патни исправи.
Настанот се случил околу 3.30 часот, во близина на бензинска станица, кога украинците на возраст од 59 и 55 години, со својот автомобил ,,Хјундаи Санта Фе’’ решиле да преспијат неколку часа, паркирани на паркинг просторот покрај поранешниот авто камп ,,Антигона’’.

Дрскиот крадец, во времето додека спиеле им ја издишал предната десна гума на возилото, го искршил совозачкото стакло и од седиштето ја одзел ташната на жената, по што побегнал.
Преплашените туристи го пријавиле случајот во ПС Неготино, по што бил извршен увид и се трага по сторителот.

Пред три години, во месец јули жртви на крадци во Неготино беа и двајца турски државјани, кои го паркирале автомобилот на паркинг пред бензинска станица во градот, во чиј склоп се наоѓа и хотел, и заминале на појадок.
Иако било околу 7.30 часот наутро и имало раздвиженост, сепак крадецот успеал незабележан од никого да го отвори автомобилот, од кој што одзел 2.000 евра, 327.000 денари, 450 лири, 2 лап топ компјутери, кредитни картички, фотоапарат и други вредни предмети.

Во Неготино, заедно со околните села има околу 13.000 жители и речиси сите се знаат меѓусебе. Токму затоа, во градот не може, а да не биде забележан секој што доаѓа од страна. Од СВР Велес апелираат туристите да бидат внимателни да не оставаат вредни работи во автомобилите.

,,Би било добро кога на пример на граничните премини би се делеле флаери, во кои на туристите ќе им биде посочено повеќе да внимаваат и да не оставаат пари и документи во автомобилите, со цел да се избегнат вакви немили настани. Не е прв пат да имаме случки од овој вид во тек на летниот период’’ – посочуваат од СВР Велес.

Вики Клинчарова

Поврзани новости