Неготино-транзитна станица на мигрантите!

by fokus

Мигрант од Авганистан завчера беше повреден кај железничката станица во близина на Криволак, Неготино, при обид да се качи на товарен воз во движење. Истиот бил пренесен на клиника во Скопје, а веста ја потврдија од полицијата. Ова е само една од многуте мигрантски приказни кои завршуваат лошо, а на кои неготинчани во изминативе години веќе свикнаа.

Минатиот месец, на истото место, воз удри во мигрант, кој потоа со тешки телесни повреди беше пренесен на клиника, но им подлегна на повредите. Заедно со него беа повредени уште пет лица кои беа пренесени во болниците во регионот, а пак уште шест други мигранти кои биле со истата група, беа префрлени во прифатниот центар во Гевгелија.

Железничката пруга покрај која се движат мигрантите, често е место каде се случуваат несреќи. Сепак, небезбедните илегални патишта по кои тие се обидуваат да стигнат до својата дестинација, односно во земјите од западна Европа, остануваат нивна редовна рута.

За време на патувањето, често застануваат да преноќат во поле, но се случува и да влезат во празни викендички во околината на Неготино, за што полицијата во повеќе наврати била информирана.

Истата ноќ, завчера, кога Авганистанецот беше повреден кај железничката станица, поголема група на мигранти преноќила во двор на викендичка, во близина на местото каде се случи несреќата. Зад себе оставиле празни кутии од странски цигари, празни конзерви, лименки од пијалоци, произведени во соседна Грција, бидејќи мигрантите најчесто доаѓаат од таму, транзитираат низ Македонија, и се обидуваат да стигнат до Германија или друга развиена земја.

-Не е прв пат да затекнеме ваква слика во дворот на викендичката. Ова лето, најмалку десет пати се случи истото. Оставаат стара облека, отпадоци од храна, кога беше поладно времето се случуваше да запалат и оган. Си бараат место каде ќе преноќат, и очигледно е дека се во комуникација со останати групи на мигранти, бидејќи најчесто се движат по истата рута. Од полиција велат дека се обидуваат да ги лоцираат, излегуваат по секоја дојава, но едноставно им нема крај. Постојано транзитираат нови мигранти – велат жители на Неготино.

Чести се и сликите на мигранти, кои со ранци на грбот се движат по стариот автопат во близина на градот. Не се случило некој да направи проблем или да навлезе во конфликт со некој случаен минувач. Си одат по својот пат, и населението на некој начин свикна на овие слики.

Лани пак, на околу еден километар од градот, покрај стариот автопат, неготинчани кои се враќале од лозје пред стемнување, затекнале вознемирувачка слика. Тешко повреден мигрант лежел покрај патот и барал помош, бидејќи бил нападнат и ограбен од непознато лице.

-Веднаш се јавивме во Итната помош и во Полиција. Жално беше да се гледа, дојде Итната помош, го транспортираа во болница. Што се случи понатаму со него, не знаеме, млад човек беше – раскажуваат за ,,Фокус” лицата кои биле сведоци на настанот.

Жителите на Неготино се сеќаваат и на 2015 година, кога низ Македонија се случи најголемиот мигрантски бран. Илјадници мигранти поминаа покрај Неготино, а најчесто како причина за напуштање на својот дом, раскажуваа дека се нефункционалните системи во нивните земји, војните, беспарицата…

Токму во тој период, кога имаше голем наплив на мигранти, се случија и многу напади и грабежи врз нив. Интересен е случајот со неготинчанец, кој преоблечен во стара полициска униформа ги запирал, па потоа им ги земал парите кои ги имале кај себе. Истиот беше откриен и осуден на затворска казна.

За тоа дека мигрантите и во ек на светска пандемија се уште продолжуваат со транзитирање низ нашата земја, на пат кон западна Европа, тврдат и полициски службеници од градот. Велат дека се случува истите мигранти кои веќе ги фатиле во близина на пругата и биле пренесени во транзитни центри во соседна Грција, повторно да побегнат, и да бидат фатени на истото место.

Чести се и сообраќајните несреќи, кога криумчарите на мигранти, возејќи пребрзо за да не бидат откриени, губат контрола над возилото.

Пред две години на автопатот во близина на Неготино, во сообраќајна несреќа беа повредени дури 13 мигранти на возраст од 22 до 25 години, а едно лице загина. Истата година, 27-годишен мигрант загина кај Демир Капија, откако возачот им рекол да скокнат од возилото, бидејќи има полиција. Шест други беа повредени.

Често се откриваат криумчари на мигранти во регионот, а лани во товарно возило кај крстосницата од Штип кон Неготино беа откриени дури 94 мигранти од Авганистан, Сирија, Ирак и Пакистан. Редовни се и вестите за откривање на криумчарење на помали групи на мигранти, од кои неретко некои се кријат и во автомобилски гепек, подготвени на се, само да стигнат до саканата дестинација.

-Не се изненадуваме кога покрај пругата или пак по стариот автопат ќе забележиме мигранти. Со години наназад ги гледаме. Но, вознемирува тоа што некои од нив влегуваат во викендички и напуштени објекти да преноќат – раскажуваат неготинчани.

Вики Клинчарова

Поврзани новости