Неготино останува единствениот град без семафори откако Ресен по 15 години ги поправи и пушти во функција старите

by Fokus

По 15 години без семафори, кои поради дефект не функционирале, Ресен повторно има семафори. Како што информира ресенското Здружение на возачи, истите се вратени во функција и биле отстранети сите дефекти, поради кои не работеле цели 15 години.

Наредните денови, додека учесниците во сообраќајот се навикнат на нив, тие ќе сигнализирале само жолто трепкање на светлото, а по неколку дена целосно ќе биле ставени во функција. По Ресен, Неготино очигледно станува единствен град во земјава без семафори.

Уште кон крајот на деведесеттите години на минатиот век, на крстосницата во центарот на градот беа поставени семафори, кои по големата поплава во 1995 година престанаа да функционираат поради дефект. Дефектот беше отстранет дури во 2012 година, и тогаш надлежните од општината порачаа дека со нивно повторно ставање во функција ќе има поголема безбедност за пешаците, но и растеретување на сообраќајот на улиците ,,Партизанска”, ,,Даме Груев”, како и на главната улица ,,Маршал Тито”.

Во тој период најгласни против семафорите беа таксистите, кои се жалеа дека граѓаните не можеле да се навикнат на нив, па нивното функционирање создавало дополнителни проблеми. Сепак, многу кратко по нивното профункционирање, тие повторно беа исклучени. Како што тогаш појаснуваа локалните власти, семафорите имале низа на технички проблеми, па затоа се донела одлука да бидат исклучени. Цели десет години потоа, нема ниту најава, ниту пак иницијатива за нивно повторно ста

вање во функција, посебно поради тоа што се наоѓаат на главната крстосница, на подрачје каде има густ сообраќај, и каде во текот на годините се случија голем број на сообраќајни несреќи.

Минатата година градоначалникот на Неготино, д-р Горан Стојанов изјави дека се разгледува можност за изградба на кружен тек на тој дел од градот, каде што беа поставени семафорите, но процедурата била комплицирана, бидејќи под крстосницата минува Тимјаничка река. За поголема безбедност во тој дел неодамна се поставија сообраќајни знаци кои укажуваат дека се работи за зона каде максималната дозволена брзина е 30 км на час, а пак во близина на пешачките премини максималната дозволена брзина е 20 километри на час.

Овие ограничувања за жал, не се почитуваат од страна на возачите, па брзото возење во центарот на градот продолжува. Не се поставија ниту легнатите полицајци, за кои граѓаните со децении апелираат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости