Неготино ќе добие гас, а за вода ќе почека

by fokus 19:18
19:18

Денес започна изградбата на 36 километри долга делница од гасоводот од Штип до Неготино, за која што Владата издвои средства во висина од 16 милиони евра. На свеченост која што се одржа во близина на неготинското село Пепелиште, премиерот Емил Димитриев, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, заменик министерот за економија Христијан Делев, неготинскиот градоначалник Ванчо Апостолов и многу други политички функционери го означија стартот на работите за изградба на вториот дел од проектот за изградба на Националниот гасоводен систем во Република Македонија кој го реализира АД „Македонски енергетски ресурси“. Предвидено е изградбата да заврши до крајот на наредната година, по што и неготинчани ќе можат да уживаат во благодетите на гасот.

Но, и покрај тоа што ќе се гасифицира, Неготино сеуште не може да го реши деценискиот проблем со водоснабдувањето. Рестрикциите на водата за пиење се присутни секојдневно, граѓаните остануваат без вода по неколку часа дневно, а неретко и во текот на ноќта, и покрај тоа што градоначалникот Ванчо Апостолов уште минатата година изјави дека проблемот со водата заминува во историјата, бидејќи вредно се работи на реконструкција на водоводната мрежа.

Од ЈП Комуналец – Неготино, секогаш излегуваат со истиот одговор на прашањето околу рестрикциите. Според нив, несовесните граѓани кои што ги полеваат бавчите и дворовите со вода за пиење се главни виновници за рестрикциите.

И денес, во времето додека се одржуваше свеченоста по повод изградбата на гасоводот, неготинчани беа без вода околу три часа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости