Неготинчани се будни, време е да се разбудат и институциите!

by Fokus

Во Неготино од почетоков на месецот е во тек акцијата Хуманитарен маратон – Неготино се буди, чиј иницијатор и организатор е младиот хуманист Димитар Аврамов.

На неговата идеја, со забавни, културни и спортски настани да се соберат доволно средства за да се се изгради дом на социјално загрозено семејство од селото Долни Дисан, се приклучија неговите пријатели, семејството, но и голем број на сограѓани кои сакаат да дадат свој придонес.

Настаните кои се организираат на разни локации во градот го привлекоа интересот на јавноста и се доста посетени, а Аврамов, кој и во минатото бил организатор на хумани акции вели дека е горд на своите сограѓани.

-Неготино не се буди. Неготино се разбуди – вели тој, заблагодарувајќи на сите кои се вклучени во акцијата. – Најголема почит до сите НАС, слободните граѓани на Општина Неготино. Сакам, многу сакам, повеќе од сè на планетава имам желба, имам визија да го смениме светот. Тука, почнувајќи од Вас драги мои сограѓани, да покажеме како вистински се сака, како вистински се работи. Ние се разбудивме, но ајде да ги разбудиме и институциите да си ја извршуваат нивната работа во вистинска смисла! Можеме ли? Мислам дека да. Не мислам, сигурен сум. Им покажавме. Нека видат. Настаните се при крај, судијата го свирна крајот на првото полувреме. Им даде пример на „големите”, на фирмите. Го очекуваме нивниот старт на второто полувреме. Да го докраjчат противникот наречен сиромаштија, злоба и љубомора. Сите заедно до нов дом на семејството Најдови – порача Димитар.

Фамилијата Најдови за која се собираат средства живее во ужасни услови, во објект кој е речиси пред рушење. Мајката е со блага ментална попреченост, таткото имал проблеми со видот и повремено работел како чувар во кафулиња, а имаат и еден син. Тие немаат ниту лични карти, па затоа сметката за донации е отворена на име на нивни роднина. По објавата на фотографиите од нивниот дом, јавноста реагираше како се дозволило едно семејство да живее во такви, нечовечки услови во 21-от век, и како институциите не превзеле конкретни долгорочни мерки за подобрување на нивната состојба.

Средствата кои ќе се соберат од хуманитарниот маратон, Аврамов вели дека ќе бидат искористени за да се изгради нов дом за семејството. Во план било ангажирање на градежна фирма.

Сите кои сакаат да се вклучат во акцијата, можат да донираат на сметката за донации: 240197002114139 Уни Банка, Милан Најдов. За донации од странство, отворена е сметката: Milan Najdov IBAN: MK07240197002114139 Unibank SWIFT: UIBMMK22XXX

Вики Клинчарова

Поврзани новости