Недозволеното преминување од слободен на регулиран пазар на струја е дополнителен товар за домаќинствата

by Fokus

Не може да се направат дополнителни трошоци на регулиран пазар од каде со електрична енергија се снабдуваат домаќинствата од компании, кои прават профит или компании кои не заслужуваат или, пак, не се предвидени со Законот за енергетика да бидат на регулиран пазар, истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

– Ако одредени потрошувачи, како што е направено во текот на годинава, а се околу 3.100 броила, што значи над 2.000 правни субјекти, одат од слободен на регулиран пазар се зголемува трошокот од Буџетот за поддршка на АД ЕСМ за да може да набави или да се произведе повеќе електрична енергија за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Тоа значи дека товарот оди кон домаќинствата и микро и малите компании кои навистина имаат потреба од помош. Јас тоа нема да го дозволам, рече Бектеши во одговор на прашање пред почетокот на одбележувањето на јубилејот „90 години Занаетчиска комора Скопје”.

Тој посочи дека компаниите кои недозволено се префрлиле од слободен на регулиран пазар на електрична енергија имаат право да се жалат на одлуката на Владата од 1 јануари и да се вратат на отворен пазар сите кои немаат право да бидат на регулиран пазар.

– Убеден сум дека нивните жалби нема да бидат прифатени. Ако има потреба ќе го смениме и Законот и тогаш веќе никогаш нема да може да се вратат на регулиран пазар, рече Бектеши.

Уште од март и април, додаде тој, најавивме дека има компании кои недозволено преминуваат од слободен на регулиран пазар на електрична енергија. Преку Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги доставивме и допис до надлежните институции.

– За жал се уште немаме одговор од тие институции кои ја добија таа листа и кои требаше да направат надзор и контрола согласно законите за енергетика, за комунална дејност и за ДДВ и ред други закони, прецизира Бектеши.

Поврзани новости