Недостигаат 250 милиони евра во буџетот и затоа поскапува струјата

by fokus

Општините се обидуваат да ја намалат цената на електричната енергија што е поскапена, не поради општините, туку поради Бислимовски, Крешник Бектеши, Ковачевски и Зоран Заев, кои за 2 години произведоа 1 милион мегават часови помалку електрична енергија, односно 250 милиони евра фрлија во вода

Пишува: Александар НИКОЛОСКИ

Станува јасно дека и ова лето ќе дојде до ново зголемување на цените на електричната енергија. Тоа ќе биде трета година по ред електричната енергија да поскапува, што е најдобар доказ дека војната во Украина не е единствената причина.

Јасно е дека огромна одговорност лежи во владата и во континуираното уништување на енергетските производствени капацитети, пред сѐ, на РЕК Битола и РЕК Осломеј, што доведува до значително намалување на домашното производство на електрична енергија, кое мора да се надополнува со скапа увезена струја, која неминовно влијае врз поскапувањето на сметките на граѓаните.

И да не заборавиме ако за домаќинствата поскапувањето е помало, за стопанството тоа е огромно. Фирмите, споредено оваа година со претходната, плаќаат од пет до шестпати поголеми сметки! Поскапување од 500 до 600 проценти! Кое само прашање на време е кога ќе доведе до целосен колапс на македонското стопанство и до илјадници луѓе без работа. Истото важи и за општините, каде што сметките се зголемени за ист волумен што ќе донесе до колапс на општините. Што прави владата за да го реши ова? Едно големо ништо!

ОПШТИНИТЕ ПРЕД КОЛАПС

Еден податок доволно говори. Само во периодот 2019-2021 година, значи за 2 години „Електрани на Македонија“, предводено од Васко Ковачевски и Зоран Заев како партнери, има произведено за 1 милион мегават часови помалку електрична енергија. Еден милион мегават часови за само 2 години се помалку произведени. На светските берзи, 1 мегават час е 250-260 евра. Тоа значи дека Македонија за само 2 години, за увоз на електрична енергија, која можела, а не ја произвела дома, има потрошено 250 до 260 милиони евра пари од сите нас, затоа што тие пари доаѓаат од граѓаните.

И причината за поскапувањето на струјата е исклучително оваа неспособност, каде што недостигаат 1 милион мегават часови или, преведено во пари, 250 милиони евра. Сликовито да образложам, 250 милиони евра е еден автопат, на пример, од Градско до Битола. Недостигаат 250 милиони евра во буџетот и затоа поскапува електричната енергија.

Зошто недостигаат? Затоа што не се копа јаглен ниту во РЕК Осломеј, ниту во РЕК Битола, како што треба, а не се копа затоа што се прави криминал, затоа што камионите и багерите, пред сѐ, тие со струмички таблички работат само по неколку часа на ден, ама на хартија вртат по 36 часа, иако денот има 24 часа, и затоа што пред и по Нова година на една фирма, тоа е фирмата Маркоски, доделија 27 милиони евра во четири очи, односно во непосредна спогодба.

Интересно е да се разгледа и состојбата во општините. Со поскапување од 500 до 600 проценти, тие се пред колапс. Власта како да го посакува тоа. За да каже, еве градоначалниците предложени од ВМРО-ДПМНЕ не работат. Но, толку се плитки, што е одвратно да се гледа, зашто тој економски колапс е за сите граѓани, а не за градоначалникот, на која и да е општина. Општините бараат најдомаќински можни начини да ги намалат сметките за струја, за која тие не се виновни.

И да сме јасни, тие сметки за струја пак ги плаќаат граѓаните затоа што општините функционираат на начин што прибираат даноци од граѓаните и потоа тие средства ги трошат. Општините се обидуваат да ја намалат цената на електричната енергија, која е поскапена, не поради општините, туку поради Бислимовски, Крешник Бектеши, Ковачевски и Зоран Заев, кои за 2 години произведоа 1 милион мегават часови помалку електрична енергија, односно 250 милиони евра фрлија во вода.

СТРАТЕГИЈАТА ЈА НЕМА

Општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се растурикуќи, како што се овие на власт, се обидуваат да заштедат. Општините, доколку се на таканарачен нерегулиран пазар, увезуваат струја надвор од државата, односно не трошат од домашните капацитети, туку увезуваат струја како да се претпријатија. Таа струја ја плаќаат по берзанска цена и ја плаќаат на диструбитери, односно на компании што ја носат, кои се блиски на актуелната власт.

Неколку податоци, еве на пример за Општина Битола. Минатата година за 1 месец, Општина Битола плаќаше за улично осветлување 1 милион и 700 илјади денари, или околу 26 илјади евра. Веќе за претходниот месец, Општина Битола плати 9 милиони и 900 илјади денари за електрична енергија или некаде околу 170 илјади евра.

Само за 6 месеци оваа година, Општина Битола има платено 1 милион евра повеќе отколку истиот период минатата година. До крајот на годината, Општина Битола ќе плати 1 милион и 800 илјади евра повеќе за електрична енергија споредено со минатата година или ако сакате во проекти, тоа е најмодерен булевар во Битола, да се реконструира целосно Широк Сокак, да се смени водоводна и канализациска мрежа.

Што прави градоначалникот? Бара начин овие пари да не мора да ги плаќа на тие што се трговци, односно да заштеди за да не мора битолчани да плаќаат повеќе. И финално, за да нема манипулации, вкупната потрошувачка на електрична енергија за улично осветлување на сите општини во Македонија е само 1,32 проценти од вкупната струја што се троши во државата, значи далеку од тоа што го спомнуваат и во моментов, Општина Битола, како и сите други општини, се на слободен, а не на регулиран пазар, затоа што од Владата не им дозволија да плаќаат поевтина електрична енергија.

Зимата доаѓа, стратегијата ја нема, а власта се однесува како штурецот од приказната за штурецот и мравката. Ќе биде тешка и многу ладна зима!

Поврзани новости