Неделкова поднесе кривична пријава против тројца членови на Судски совет: Зарем да молчиме и да не пукаат судиите како глинени гулаби?!

by fokus

Поранешната претседателка и актуелна судијка во Врховнот суд, Лидија Неделкова, поднела кривична пријава против тројца членови на Судскиот совет. Пред Основното јавно обвинителство – Скопје, ги товари за злоупотреба на службената положба бидејќи, според неа, ја искористиле положбата да влијаат на постапката која се води против неа по поднесена претставка од сега веќе разрешениот судија Јово Вангеловски, објави „360 степени“.

Судијката Неделкова за „Фокус“ појаснува дека пријавените како членови на Судскиот совет не го прифатиле првичниот предлог на комисијата, постапката да се запре, и влијаеле одлуката да се преиначи во предлог за нејзино разрешување, спротивно на закон. Вели дека сето ова се актуелизира во момент кога таа е еден од кандидатите за претседател на Врховниот суд.

-Зарем ќе чекаме ние судиите да не пукаат како глинени гулаби? Ова што се случува е порака и до другите судии, што можат вака со мене, тогаш што ли ги чека останатите. Најавуваат чистка, метење, а постојано добивам закани дека сега ќе ме разрешат, утре ќе ме разрешат…. Зарем тоа се реформи, вака не било никогаш. Очигледно е дека на некому му пречи и мојата актуелна кандидатура за Претседател на Врховен суд, изјави Неделкова за „Фокус“.

Според образложението на Кривичната пријава на Лидија Неделкова, на 1 април 2019 година тогашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, поднел барање за поведување на постапка за утврдување на одговорност на Неделкова како судија во Врховниот суд.

На 31 август, или речиси година и половина подоцна, се одржала расправа пред комисија на Судскиот совет за предметот. Како што се наведува во Кривичната пријава, меѓу тројцата членови на комисијата бил и членот и поранешен претседател на Судскиот совет, Зоран Караџовски, а на седницата не присуствувал наследникот на Вангеловски, актуелнот в.д. претседател Фаик Арслани. Комисијата донела предлог-одлука да се запре постапката против Неделкова. Но, кога предлог-одлуката стигнала на седница на Судскиот совет, истата не била прифатена.

-Судскиот совет наместо да го уважи како што е досегашната пракса на постапување по ваквите предлози, без да даде соодветни напатствија, го врати предметот на доработка, појаснува Неделкова.

Таа додава дека ова што и се случува е лоша порака и до останатите судии, поради што и решила да ја поднесе кривичната пријава.

Поврзани новости