Владата ја усвои Програмата за економски реформи 2021-2023

by Fokus

Владата ја усвои тригодишната стратегија за структурни реформи – Програма на економски реформи (ПЕР) 2021-2023, соопшти Министерството за финансии. Програмата, чија подготовка ја координира Министерството за финансии, ја содржи среднорочната макроекономска и фискална рамка, како и структурните реформи што треба да се спроведат, а кои се утврдени преку заеднички дијалог со Европската комисија.

Како што наведува во соопштението, овoj стратешки документ e исклучително важен дел од пристапниот процес кон Европската Унија.

Во Програмата за економски реформи 2021-2023 се опфатени 20 приоритетни мерки (реформски области), кои треба да се спроведат во наредните три години во насока на реформа на пазарот на енергија и транспорт, развој на земјоделскиот сектор, подобрување на деловното окружување и намалување на сивата економија, поддршка на истражување, развој и дигитална трансформација, регионално економско поврзување, образование и вештини, социјална заштита и инклузија, како и здравствена заштита.

Од аспект на реформата на пазарот на енергија и транспортот предвидени се мерки за зголемување на конкуренцијата на пазарот на електрична енергија, промоција на обновливи извори на енергија, подобрување на енергетската ефикасност и имплементација на интелигентен транспортен систем долж паневропскиот Коридор 10.

Во насока на развојот на земјоделскиот сектор предвидени се мерки за подобрување на системите за наводнување, консолидација и дефрагментација на земјоделско земјиште, формирање земјоделски задруги и подобрување на пристапот до обработливите земјоделски површини.

Програмата предвидува и мерки насочени кон подобрување на деловното окружување и намалување на неформалната економија. Од аспект на подобрувањето на деловното окружување се предвидува рационализирање на парафискалните давачки и формирање единствен регистар за истите, понатаму формирање на електронски пазар за набавки од мала вредност и поддршка на новоосновани мали и средни претпријатија во помалку развиените региони. Во насока на намалување на неформалната економија ќе се преземат механизми за поттикнување на регистрираните економски активности и трансакции и со фокус на секторите, каде има најголема веројатност за непријавена работа.

Поврзани новости