Според законското решение, од први јануари 2022 година недела стана неработен ден за околу 92 проценти од работниците. Тогашната министерка за труд и социјална работа, Јагода Шахпаска, на крајот од својот мандат истакна дека усвојувањето на Законот, кој предвидува дека „Недела е ден на неделен одмор“ за над 92 проценти од работниците, на кој интензивно работела со работниците и работодавците, ја направило особено горда, бидејќи битката за работничките права и била врвен приоритет кога дошла на функцијата.
Денес, повеќе од две години откако недела е ден за одмор, реакциите околу оваа измена се позитивни, кога се работниците во прашање.
Во разговор со вработени во локален маркет, кој до 2022 година работел седум дена во неделата, а вработените кои биле ангажирани во недела добивале слободен ден во тек на работната недела, дознаваме дека промената ја дочекале со олеснување.
-Иако оние кои работевме во недела имавме друг слободен ден, сепак измените не израдуваа. На некој начин, се враќа онаа старата популарна изрека – На неделен ручек со семејството, на која изминатите години дури и заборавивме, затоа што не можевме сите да се собереме дома во ист ден, односно ако сопругот беше слободен во недела, се случуваше јас да сум на работа.
Интересот на работниците беше уважен, се испрати порака дека работникот и неговите блиски имаат право на семеен и социјален живот кој треба да се испочитува- раскажува продавачка во маркет.
Нејзина колешка пак, додава дека во многу други земји се практикува недела-ден за одмор, како на пример во соседна Грција, и луѓето со тек на време се навикнуваат на такво функционирање.
Смета дека и кај нас оваа тема ќе биде прифатена целосно, без многу негодување, кое се случуваше на почетокот.
-Дефинитивно, кога е неработењето во недела во прашање, тоа е во најголем интерес на работникот и на некој начин не потсетува на семејните вредности, на времето кое го заслужуваме да го минеме со блиските- вели таа.
И додека работниците се задоволни што на некој начин им се овозможил подобар баланс помеѓу семејството и работата, а пак оние кои се работно ангажирани во недела се платени екстра за неделниот труд, се уште остануваат негодувањата од страна на голем број работодавци, кои сметаат дека тоа негативно се одразува на економијата.
Инаку, во недела работат моловите, дел од прехранбената индустија, угостителските објекти, рудниците, медиумите, здраствени институции, противпожарна служба, фотографски, креативни, уметнички дејности и други дејности каде работниот процес не може да биде прекинат.
Вики Клинчарова