Текстот е објавен во 893. број на неделникот „Фокус“ на 10. август 2012
Пишува
Никола МЛАДЕНОВ
Власта ни е генијална. Рече дека ќе биде блиска со народот, и – бидна. Министерството за земјоделие ќе отвора подвижни канцеларии за земјоделците. Наместо фармерите кај чаушите, чаушите кај фармерите. Наместо да ги ораат како бавча низ институциите, сега власта ќе ги ора фармерите среде нива. На лице место ќе се пополнуваат барања за субвенции. Море, и ќе се исплаќаат ако треба. Само селаните да не губат време залудно, ами на работата во целост да се посветат. Зошто предвремено да бидат исплатени само 20 од 130-те милиони евра за субвенции во 2012 година? Точно, власта има и по куќи да им оди, само на земјоделците да им угоди. И, не со празни раце, како опозицијата, туку со вреќи полни пари. Со тек на време, ќе се отворат мобилни канцеларии на сите можни локации. И по болниците, нормално.
Зар само Камчев да остане без предвремено земена субвенција?! Но, тоа не значи дека нашиот земјоделец треба да остане неинформиран за круцијалните теми од неговиот живот. Како што е, на пример, процесот на лустрацијата. Гарант дека и по нивите има интеренет во ова наша е-кантри, ама не може да се работи и на компјутер истовремено да се кисне. Затоа, уште сега треба да се постават видео бимови и силни звучници среде ораниците, за фамерите да не останат покусо, туку и тие да се вклучат во серијалот од првата епизода. На бимот оди текстот од досиејата, а од звучниците ечи траорен глас, кој повикува на линчување на кодошите. Убаво е народот сам да процени – што е што и кој бил кој, ама не е лошо и да му се потпомогне во оценката. За негово добро, да не пресече комбајнот некоја дланка, додека фармерот се задлабочува во проценката. Сигурно си е сигурно. И на нив треба да им се згади лустрацијата како поим. И тие треба, заради некој лош Петар, да го замразат и Свети Петар.
Крачка по крачка, поради разните злоупотреби на демократијата кои постојат и во најразвиените земји, тие благовремено ќе ја замразат демократијата воопшто, како систем!
И после – оп, сите на баци рака кај Груевски. Ем Путин да одмори малку од нас, ем Пастирот да види дека сепак немал работа со неблагодарно стадо. Пардон, грешка. Нема ние да одиме на баци рака кај него, туку тој ќе доаѓа кај нас со раката замиена ем за целувка подготвена. За лично да се увери дека граѓаните се задоволни. Тоа мора да биде новиот, две илјади шесто и петти проект на владата. Подвижен премиерски кабинет. Од овде до вечноста. Или барем до крајот на мандатот, кој мора да трае барем 300 години. Да простите, ама волку опсежна програма не може да се реализира за некоја дребна деценија. За 300 години, со целосна 24/7 посветеност, барем секој втор Македонец ќе може да ја искаже својата благодарност кон безгрешниот Водач. Добро де, ако не нема толку во државава, Премиерот ќе организира и вонредни роуд шоуа по дијаспората. Белки е јасно, дека тој никогаш не штедел на време за доброто на својот народ. А богами ни пари!
Да простите, ама нашиот народ ја заслужи таа чест. Особено после одвратните клеветења од Економист и последното од Си-Ен-Ен. Првите одамна рекоа дека сме биле шампиони во мизеријата, а вторите решија да не останат покусо, па не сместија меѓу петте најлоши економии. И, кога таман ги објавија тие подли конструкции, се појави истражувањето на Евробарометар. Низ него Македонецот си викна провикна, цел свет да чуе за лезетот што си го има од живеачката во најубавата од сите убави земји на планетава. Скоро две третини се задоволни од животиштето што со ќеиф си го тераат. Позадоволни се од дури две третини европејци. Не сме во нивната килава Унија, ама уште поголеми оптимисти од нив сме, дека следната година ќе ни биде и бетер, т.е. подобро. Така кажа Евробарометар, не Шатев или Чупоски, па опозицијата да мрчи под мустаќ.
Кој е луд, нека продолжи да верува на Економист или Си-Ен-Ен, при нашите живи ем здрави медиуми! Во толку среќна земја, нормално дека не се губи време на муабети за политика. Зошто би губел време на неа, кога можеш субвенција без нива, т.е. на нива да ќариш?! Да, едвај 61 отсто Македонци се малтретираат со млатење празна слама за домашната политика, наспроти 91 отсто Холанѓани. Што не значи дека останатите 30 проценти се политички неписмени. Напротив, ним одамна се им е јасно за домашната, па сега се фокусирани на надворешната политика. За разлика од Холанѓаните, кои се познати дунстери заинтернационалните работи!
После овие сознанија, се разви очекувана полемика среде народот. Зар е можно да сме до толку мрднати, се прашуваат едни. Втори не можат на очи да поверуваат, кога го гледаат процентот на македонско задоволство, кое просто кипти ем се разлева по белосветските меридијани. Трети чкрипат со забите од лутина и молчешкум пакуваат куфери, за да се доразлеат низ светот, џенем до Австралија, далеку од дофатот на Евробарометар. Јас, пак, спокојно гледам и се смешкам. Знам дека не сме ненормални, тукусамо се правиме наудрени. Уверен сум дека барем половината испитаници од инает кажале дека им е арно. Нека пукнат душманите. Нѐ малтретираат, нѐ понижуваат, во НАТО не нѐ примаат, од ЕУ врата ни затвараат… Можат да ни направат сѐ, освен да ни го земат правото да се зезаме со нив.
И покрај се, нас ни е убаво овде, во ваква Македонија. Кој ги врти, бе!Додуша, втората задоволна половина е малку загрижувачка. Мислам дека тие, кутрите, задоволството и оптимизмот го третираат како прашање на патриотизам. За нив незадоволството и песимизмот од животот во Македонија изгледа се смета за предавнички чин. Но, и тоа е разбирливо. Тони пари се фрлија за рекламни кампањи од типот – Кажи нешто добро за Македонија. И сега, кога Евробарометар им ја дал шансата, да зборуваат лоши работи?! Не бива. Непријателите може да помислат дека сме клапнале со духот само затоа што поскапеле струјата, парното, бензинот… Башка, сите знаеме дека кај нас се поскапува најмалку, а нашата влада најдобро се справува со планетарната криза. Не е ред, да не бидеме задоволни барем од тоа нејзино искрено признание!
Се разбира, никој не мора да се согласи со моите објаснувања на причините за одговорите што Македонецот ги дава за Евробарометар. Немојте само да предложите некое ново истражување, кое потемелно би трагало по нив. Уште сега се ежам од неговите резултати. Сакам да верувам дека сѐ уште не сме одлепиле целосно. И јас, конечно, имам право на самозалажување. Тоа не е баш патриотски, ама белки не е предавнички чин. Мислам – сѐ уште!